Како што вештачката интелигенција продолжува да се наметнува сѐ повеќе низ светот, компаниите стануваат сè повеќе зависни од технологијата. Всушност, според Светскиот економски форум, вештините за вештачка интелигенција сега се рангирани како трет највисок приоритет во стратегиите за обука на организациите, после аналитичкото и креативното размислување.
Поаѓајќи од ова сознание, технолошкиот гигант Мајкрософт неодамна соопшти дека во партнерство со LinkedIn ќе започне бесплатна тренинг-програма за основните концепти во сферата на вештачката интелигенција, со цел да им помогне на современите работници да го прошират своето знаење и вештини преку курсеви.
Едукативната програма во моментов е достапна на англиски јазик преку LinkedIn Learning, а во следните месеци ќе биде преведена и на шпански, португалски, француски, германски, кинески и јапонски јазик. Курсот ќе остане бесплатен за следење до 2025 година.
Штом корисникот ќе ја заврши програмата, ќе добие сертификат за “Career Essentials”. За компаниите кои сакаат да подучуваат поголеми групи работници или студенти одеднаш, во моментов се работи на комплет алатки за обучувачи, кој ќе вклучува курс за вештачка интелигенција направен специјално за едукатори.
Покрај бесплатните курсеви, Мајкрософт ќе предводи и глобална програма за грантови со цел да им помогне на организациите од непривилигирани средини да ги обучат своите работници во користењето на вештачката интелигенција.