Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска на прес-конференција информираше дека е објавен новиот Конкурс за финансирање проекти за развој на креативните индустрии. Тој рече дека Конкурсот е еден од чекорите за обезбедување стабилен и одржлив развој на креативните индустрии, а средствата ќе бидат насочени за проекти за создавање или подобрување на културни активности кои се значајни за заедницата и збогатување на локалната културна сцена преку иновативни и креативни решенија.
„Со Конкурсот што денеска го објавивме, ќе обезбедиме финансиска поддршка за проекти кои ќе го стимулираат развојот на креативните индустрии, создавајќи нови можности за претприемачите, младите уметници и креативни тимови. Тоа ќе поттикне нови вработувања, зголемување на конкурентноста на нашите креативни индустрии на глобалниот пазар и развивање на културниот туризам“ – истакна министерот Љутков.
Министерот ги повика креативците и организациите да се пријават и да ја искористат можноста за реализација на своите идеи и проекти. „Нашето општество има огромен потенцијал и заедно можеме да придонесеме за подобрување на културниот, економскиот и туристичкиот напредок што ни е потребен. Министерството за култура и туризам ќе продолжи да работи на поддршка на проекти што ја афирмираат културата и создаваат нови вредности во општеството“ – додаде Љутков.
Конкурсот за финансирање проекти за развој на креативните индустрии е објавен на веб-страницата на Министерството.