Се почесто сме сведоци на различни кампањи и проекти кои се спроведуваат низ светот со цел да се стимулира застапеноста на жените во областите во кои ги има во драстично помал број во однос на мажите. Ова полека станува жешка тема на светски настани, конференции и кампањи. Се повеќе средства се вложуваат од страна на државните и приватните фондови со цел да се стимулираат повеќе жени на лидерски позиции во области кои досега важеле за „машки“ професии. Една ваква област е секако, и технологијата и сите поврзани сфери, познати како STEM (Science, Technology, Engineering, Math).
Иако во последите години кај нас се забeлежува благо зголемување на бројот на жени и девојки во технолошките области, сепак сеуште мажите доминираат со застапеност од околу 70% во високо-образовните технолошки институции, како и во приватниот ИТ сектор. Често пати на жените-професионалци во ИТ се гледа со доза на скептичност во однос на машките позиции. Од друга страна, докажано е дека жените во овие области важат за позадоволни и повеќе мотивирани на работното место, а со тоа и поуспешно ги извршуваат задачите.
Оваа статистика е еден од факторите кои го поттикнаа и формирањето на организацијата Girls in Tech Macedonia, која има за цел да стимулира промоција, раст и успех на жени претприемачи и иноватори во технолошкиот простор.
Girls in Tech Macedonia произлзе од потребата за мотивациски но и ресурсен центар за жени на различни возрасти кои се инволвирани во технолошката индустрија во земјата. Во еден бавно растечки стартап и ИТ бизнис екосистем како македонскиот, појавувањето на Girls in Tech делува како совршен склоп во прилог на тоа движење. Целни групи на организацијата се GIT Young или млади девојки кои допрва сакаат да започнат кариера во ИТ или се на почеток на истата, и GIT Mature – жени кои веќе развиваат кариера во технолошките или сродни области. Идејата е преку инспиративни примери од GIT Mature, да се засили и мотивира GIT Young како група во развој.
„Можностите се навистина големи и мислам дека имаме голем креативен простор кој ќе се обидеме да го исполниме со дел од нашите активности. Доколку постоеше ваква организација кога јас студирав компјутерско инженерство, тоа многу ќе ми значеше. Лична цел ми е преку проектите на Girls in Tech Macedonia, заедно со нашите соработници, да ја направиме Македонија пример на Балканот во поглед на женската професионална еманципација во STEM.” – изјави Јасна Тренгоска, Извршен директор на Girls in Tech Macedonia.
Преку низа на настани и проекти кои се дел од програмата на Girls in Tech Macedonia за следниот период, организацијата планира да делува во повеќето градови низ Македонија преку својата веќе формирана мрежа. Се планираат активности кои на младите девојки треба да им го олеснат процесот на носење одлука за едукација и кариера во ИТ, а од друга страна на оние кои веќе градат ваква кариера, се планира да им се помогне преку соодветни ресурси и програми за да можат да напредуваат до лидерски позиции.
„Мислам дека жените можат да имаат се – кариера, врска, семејство, социјален живот – но со помош. Многу е предизвикувачки да се балансира помеѓу толку важни нeшта и сите да се направат подеднакво добро. Со помош од сопруг/партнер, дадилка, компанија за грижа на деца, флексибилна работна околина и полиса, станува многу полесно за жените успешно да менаџираат и кариера и семејство“ – вели Adriana Gascoigne, главен извршен директор и основач на глобалната организација на Girls in Tech.
Girls in Tech е глобална организација со седиште во Сан Франциско, формирана од Adriana Gascoigne во 2007 година и до денес има околу 50 национални гранки низ целиот свет, со членство од над 25 000 жени и девојки од технолошките и СТЕМ областите. Girls in Tech Macedonia е прва ваква организација на Балканот и се вбројува помеѓу девет во Европа, меѓу кои Франција, Велика Британија, Шпанија, Италија, Луксембург, Холандија, Романија и Полска.