Ја најавија креативни графити низ Скопје, а ја обележаа многубројни активности и настани во кои учество земаа и познати јавни личности кои преку црно-бели фотографии навестуваа нешто ново и интересно, а пред сѐ едукативно и општествено одговорно.
Со силна јавна поддршка преку пишаните, електронските и социјалните медиуми, споделувана и одважена и од медиумите во соседството и пошироко на Балканот, надоградена со многу други креативни сообраќајно-превентивни активности – кампањата „Младост без лудост“ е една од најпрепознатливите и најуспешните кампањи за 2017 година во Македонија и во регионот.
Станува збор за кампања која го задржуваше вниманието на секој поединец со својата разноврсност и нетипичност. Беше поставено уништено возило од сообраќајни незгоди на повеќе фрекфентни локации во Скопје, беа организирани бројни едукативни настани во угостителските објекти, беа организирани обуки на младите за укажување прва помош на повредени лица во сообраќајни незгоди, беа организирани едукативни предавања за средношколците и доделени ваучери за полагање возачки испит.
Денес, неколку месеци по завршување на кампањата стигнуваат убави вести од светот: токму оваа кампања е влезена во трка за прво место во категорија на три најкреативни младински кампањи за безбедност во сообраќајот.
„Најпрво, голема чест и задоволство ни е што кампањата се најде во оваа категорија. Самиот факт дека се наоѓаме меѓу најуспешните во светот е доволно признание, секако и првото и второто и третото место ќе значат многу за нас. Дополнително нѐ радува фактот дека Кампањата го даде својот максимум во Македонија и прерасна во бренд по кој се препознава нашата организација“ – велат од РСБСП.
Организатор на натпеварот е Alaska Injury Prevention Center, а победниците, најкреативните кампањи, оваа година ќе бидат прогласени на Светската конференција за безбедност во сообраќајот што ќе се одржи во Тајланд.
Меѓународните медиумски награди (ISMA) ги препознаваат висококвалитетните кампањи за подигнување на свеста за безбедно возење. ISMA им овозможуваат на професионалците од оваа област успешно да ја презентираат нивната медиумска иницијатива.
Досегашните победници ги искористија своите успеси на ISMA, што резултираше со нивно зголемено препознавање ширум светот.
На крајот, за сите нас, најважно е да ја постигнеме главната цел – да го намалиме бројот на сообраќајни незгоди и жртви во нив. А, тоа може да се постигне со моќни и ефективни кампањи кои ја подигнуваат свеста и оставаат силен впечаток во јавноста.