Креативната агенција Engine Creative од Британија реализираше про-боно кампања за непрофитната организација Women’s Aid која се бори против физичкото и ментално насилство врз жените и децата.
Се работи за серија на постери кои на прв поглед се чинат како дел од некоја модна кампања – модели во различни пози кои носат различни комбинации на облека, застанати врз едноставна еднобојна позадина.
Меѓутоа, штом го насочите внимението кон текстот: коса – избор на партнерот, кошула – избор на партнерот, сукња – избор на партнерот, манипулација – од партнерот, ниска самодоверба – од партнерот, депресија – од партнерот…. сфаќате дека не се работи за модна кампања, туку за кампања чија цел е подигнување на јавната свест за менталната злоупотреба и присилната контрола.
Имено, присилното контролирање на сите аспекти од животот на партнерот е всушност форма на насилство, не оставајќи им ни тронка автономност, што евентуално доведува до ментална траума и психички нарушувања.