Францускиот моден гигант Диор се најде на мета на кинеската јавност и медиумите поради „понижување на азиските жени“, препуштање на западните стереотипи и „омаловажување на кинеската култура“, поради контроверзната фотографија објавена на изложба во Шангај.
Контроверзната фотографија, која беше дел од изложбата на брендот Лејди Диор во Шангај, прикажува модел со азиско потекло во традиционална кинеска облека која држи чанта на Диор. Медиумите веднаш “отворија оган“ поради нејзините „страшни очи, мрачно лице и украси за нокти во стилот на династијата Чинг“.
Иако модната куќа не излезе со официјално соопштение во врска со контроверзната фотографија, модниот магазин Business of Fashion објави дека спорната фотографија е отстранета од изложбата. Наводно, Диор ја отстранил фотографијата и од кинеската социјална мрежа Веибо.
Сликата, чиј автор е кинескиот фотограф Чен Ман, го предизвика гневот на медиумите и на јавноста. Сепак, очигледно немаше повик за бојкот на брендот.
Во понеделничкиот едиторијал со наслов „Дали жените во Азија изгледаат вака во очите на Диор?“, Пекинг Дејли забележа дека сликата ги натера кинеските потрошувачи да се чувствуваат непријатно.
Авторот на едиторијалот го критикува Ман за „додворување на брендот и естетските стандарди на западниот свет“.
Предупредувајќи дека и брендот и фотографот „отишле предалеку“, и весникот China Women’s News, во средата објави едиторијал во кој се тврди дека „постои очигледна намера да се навредуваат Кинезите и да се понижи кинеската култура“.
Во меѓувреме, Глобал Тајмс забележува дека „таквите контроверзии би можеле да бидат деликатна ситуација“ за Диор и другите светски брендови – за кои огромниот кинески пазар на луксузни стоки е еден од најголемите извори на приходи. Весникот наведува дека кинеската јавност стана „сè почувствителна“ во начинот на претставување и третирање на кинезите и кинеската култура од страна на странски компании.
Посочувајќи дека кинеските корисници на социјалните мрежи побарале од компанијата и фотографот да ја објаснат својата намера, многу медиуми исто така истакнаа дека некои корисници ја пофалиле фотографијата како отстапување од типичните стандарди за убавина во земјата, која често се карактеризира со „светла кожа и големи очи“.