Модниот бренд Фред Пери повлече еден од своите познати модели на поло маици од пазарот, откако тоа парче облека започнаа да го носат членови на десничарска организација
Компанијата престана да го продава црно-жолтиот модел на маичката во САД и Канада, откако членовите на неофашистичката организација „Proud Boys“ започнаа да носат таква маичка.
Во соопштението на компанијата се вели дека „фрустрирачки е поло маичката и нејзиното светски познато лого во форма на ловоров венец да бидат во каква било врска со таква организација“
Од компанијата велат дека „иако секогаш се труделе да ја претстават инклузивноста и различноста преку својата работа, сфатиле дека црно-жолтиот модел на нивната маичка во Северна Америка сега е поврзан со нешто сосема друго“, односно со „Proud Boys“. Додаваат дека тоа е „недозволиво и мора да запре“.
„Ако видите како членови на таа група носат наши производи, знајте дека тоа нема никаква врска со нашата компанија и бренд. Контактиравме адвокати и работиме на спречување на незаконска употреба на нашиот бренд“, се вели во соопштението.
Компанијата Фред Пери е основана во 1952 година од истоимениот шампион на Вимблдон во тенис.
„Proud Boys“ ги основаше коосновачот на Vice Media, Гевин Макинес во 2016 година, во пресрет на изборот на Доналд Трамп за претседател. Во 2018 година, ФБИ ја класифицираше организацијата како „екстремистичка група“.