Со полн ек на летните одмори, британската авиокомпанија EasyJet се враќа во етерот со нова целосно интегрирана кампања и бренд платформа.
Според брендот, и покрај растот на трошоците за живот, многу луѓе продолжуваат да им даваат приоритет на патувањето и одморите. Па така, за да го илустрира смелото чувство на авантура од кое луѓето не сакаат да се откажат, EasyJet и креативната агенција VCCP London ја создадоа новата бренд платформа “Get Out There” („Излези таму“).
Во паневропската кампања, самите туристичките предмети кои привлекуваат толпи на луѓе стануваат туристи, ослободувајќи се од своите рамки за да ја искусат животната врева. Мона Лиза, Девојката со бисерна обетка, Давид, Мислителот, па дури и неколку мали ангелчиња учат какво е целосно да се внесеш во неограничената радост на патувањето.
Централниот спот на кампњата започнува со сцена во парискиот музеј Лувр, каде луѓето се шокирани што ја нема Мона Лиза. Како што набрзо откриваме, таа одлучила да избега од своето секојдневие и со пасош и авионска карта во рака се качува на летот на EasyJet за Атина. Во следните неколку сцени, гледаме и други познати ликови од уметнички дела кои го искусуваат најдоброто што може да го понуди Европа – од сончање на плажа, до возење по сценските крајморски брегови.
„Кој подобро од некој што е заглавен на едно место 500 години да ги покаже моќните придобивки од патувањето. Ги ослободивме и ги претворивме во туристички инфлуенсери“ – посочува Дејвид Мастерман, заменик извршен креативен директор на агенцијата VCCP London.
Интегрираната кампања на EasyJet ќе се реализира во текот на 8 недели преку повеќе канали, вклучувајќи ја телевизијата, интернетот и билбордите, и тоа на клучните пазари на брендот во Велика Британија, Италија, Франција, Швајцарија, Германија, Холандија и Португалија.