За сериозниот удар на пандемијата потребна е голема државна интервенција
- Работната група на МОТ и ЕБОР даде 11 препораки за пазарот на трудот за
- Чекори што треба да се спроведат со олеснувањето на мерките на вонредна состојба
- Пандемијата сериозно влијаеше на локалниот пазар на трудот
Целта на препораките составени од заедничката работна група на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на барање на Економско-социјалниот совет, е зачувување на работните места и заштита на бизнисите.
Извештајот „Брза процена за влијанието од Ковид-19“, кој денес се објавува и е презентиран на надлежните органи, синдикатите и работодавачите, содржи низа предлози за остварување на таа цел. Истиот е изработен со финансиска поддршка на Европската Унија, во рамките на проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, имплементиран од Меѓународната организација на трудот.
Опциите за проширување на заштитата на работниците и семејствата вклучуваат:
- Воведување на привремена проширена поддршка во случај на невработеност, со плаќање на паушален износ на месечно ниво во времетраење од најмногу 6 месеци;
- Воведување на проширена категорија на фирми кои би се квалификувале за мерките за задржување на работните места;
- Проширување на периодот на програмата за задржување на работните места со вклучување на втората половина од март до крајот на јуни;
- Дополнително проширување на критериумите за квалификување за гарантираниот минимален приход;
- Воведување на паушален износ на субвенции за режиски трошоци/електрична енергија за домаќинствата со ниски приходи.
Опциите за активни мерки за вработување вклучуваат промовирање на шеми за делење на работното место, ротирање на работното место и шеми за стажанти, како и инвестирање во дигиталната економија. Начините за поддршка на претпријатијата вклучуваат поголем пристап до финансии, административна поддршка и социјален дијалог меѓу засегнатите страни.
По развојот на заканата за јавното здравје во глобална пандемија со економски последици, Економско – социјалниот совет побара поддршка од работната група на МОТ и ЕБОР за развој на мерки и политики. Македонија воведе одредени рестрикции за да се спречи ширењето на вирусот и досега успеа да го ограничи бројот на смртни случаи на 116 од 2.039 регистрирани случаи на заболени.
Истовремено, мерките тешко ја погодија економијата. Според пресметките на МОТ, само во второто тримесечје од 2020 година, загубени се работни часови кои соодвествуваат на 85.550 работни места со полно работно време. Според последните прогнози, ЕБОР во мај очекува пад на економијата во Македонија во 2020 година за 3,5 проценти, пред заздравувањето од 5,5 проценти во 2021 година.
Целиот извештај е достапен на следниот линк: https://socijalendijalog.mk/wp-content/uploads/2020/05/Macedonia_Assessment_FINAL.pdf