За време на конференцијата за иновациски технологии Lenovo Tech World 2023, брендот Motorola претстави концепт за паметен телефон кој може да се витка и обликува според потребите на корисниците.
Во својата стандардна и исправена положба, уредот функционира како стандарден паметен телефон со екран од 17.5 сантиметри, напојуван од оперативниот систем Android. Но, флексибилниот телефон исто така може беспрекорно да се витка околу раката на корисниците – како нараквица или паметен часовник.
За оние кои сакаат да се фотографираат, долниот дел од уредот може да се превитка и да послужи како рамна површина на која телефонот се потпира со цел да обезбеди стабилност и полесно само-фотографирање.
Освен флексибилниот хардвер, на настанот беа претставени и некои софтверски функционалности на концептуалниот уред. Акцентот беше ставен на вештачката интелигенција, која е вградена во телефонот и на корисниците може да им овозможи дополнителна персонализација.
На пример, ако сакате паметен часовник што одговара со вашето моментално одело, доволно е да направите фотографија со телефонот и тој, со помош на вештачката интелигенција, ќе генерира дисплеј што најсоодветно би се вклопил во целата комбинација. Потоа го виткате телефонот околу рака и работата е завршена.
Иако сѐ уште нема информации кога овој фелксибилен модел би се нашол на пазарот, тој сепак овозможува интересен увид во иднината на личните електронски уреди.
Погледнете ги промотивните видеа во продолжение: