Владата на Македонија и Министерството за здравство започнаа кампања за носење маски со цел да се подигне свеста на граѓаните од важноста на почитување на мерките и препораките на Комисијата за заразни болести за заштита од корона вирусот.
Кампањата, чиј слоган е #НосамМаска, ја поддржаа и нашите музички уметници. Влатко Стефановски, Никола Перевски, Каролина Гочева, Тамара Тодевска и Ружица Милошеска Брчиоска преку видео порака порачуваат дека носењето маска значи наскоро отворање на концертни сали, дружење со фановите, но и лична грижа и одговорност за здравјето на другите.
Секој еден од нас има одговорност за грижа за сопственото здравје, но и грижа за здравјето на своите најблиски. Носењето на заштитна маска, одржувањето на физичко растојание, како и честото миење на рацете, во моментов се единствените мерки кои може да го спречат ширењето на коронавирусот.
Министерството за здравство, упатува апел до сите граѓани да се почитуваат мерките за заштита, затоа што тие се клучни во борбата со овој непредвидлив непријател.