Рестораните на Burger King повторно се отвораат ширум Франција и Белгија после осум месеци, а по тој повод, брендот за брза храна лансираше нова хумористична кампања посветена на оние потрошувачи кои со своето однесување понекогаш знаат да ви ги истенчат нервите.
Централниот спот на кампањата претставува колаж од снимки кои прикажуваат досадни и иритантни однесувања на дел од потрошувачите – деца кои викаат, неодлучни нарачатели, крадци на салфети, лоши паркирачи, луѓе кои со едно кафе го трошат интернетот цели три часа или пак не знаат кај кој бренд нарачуваат.
Меѓутоа, рекламата нема никаков злонамерен тон, напротив – порачува дека во ова време на карантини, на Бургер Кинг му недостасуваат сите потрошувачи, без разлика на нивното однесување и сите подеднакво ги поканува да се вратат во повторно отворените ресторани.
Покрај спотот кој ќе се емитува на телевизија, кампањата истовремено вклучува и различни онлајн и in-store активности.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Buzzman Paris.