Најголемиот европски центар за лекување на рак Gustave Roussy од Франција, во соработка со креативната агенција Publicis Conseil, ја објави новата празнична реклама насловена “True Story” („Вистинска приказна“).
Се работи за современа Божиќна приказна во која дознаваме дека на Дедо Мраз му бил дијагностициран рак, но и дека успешно се излекувал од болеста. Филмот нѐ води низ патешествието на Дедо Мраз во годината кога му бил дијагностициран рак, од откривањето на неговата болест до различните третмани што ги добивал во болницата Gustave Roussy, осврнувајќи се на непоколебливата поддршка што ја добивал од неговата ќерка и од медицинскиот персонал сѐ додека болеста не почнала да се повлекува.
Исто како и секој кој се соочува со разните форми на рак, така и Дедо Мраз поминал низ моменти на сомнеж, очај, тага, но и на радост. И покрај тоа што болеста го лишила од атрибутите што го прават Дедо Мраз препознатлив во очите на сите – неговата долга брада и белата коса – тој останал упорен, без разлика на цената, и продолжил да работи во својата работилница со цел да ги обезбеди сите детски подароци додека сè уште бил на тежок третман. Благодарение на напредокот во научните истражувања и поддршката на Gustave Roussy, Дедо Мраз сега е излечен и може непречено да продолжи со својата работа, носејќи им радост на милиони деца ширум светот.
Овој емотивен филм завршува со порака на надеж: „Ракот може да се излечи, а сега повеќе од кога било треба да се верува во тоа“. На оваа порака потоа се надоврузва барање за донации кои ќе бидат вложени во понатамошно истражување на третмани за разните форми на рак.
Кампањата била создадена „про-боно“ од агенцијата Publicis Conseil, чија матична компанија веќе неколку години активно е вклучена во борбата против предизвиците и последиците кои ги носи ракот. Во снимањато на оваа реклама, агенцијата била потпомогната од продукциската куќа Iconoclast.