Home » Во фокусот » На тема објективност стартува осмата недела на дизајн во Скопје

На тема објективност стартува осмата недела на дизајн во Скопје

ОБЈЕКТИВНОСТ е темата на осмото издание на Недела на дизајнот во Скопје (Skopje Design Week) што се отвора на 21. ноември во Јавна соба. До 25. ноември, на најпопуларната дизајнерска платформа за афирмација на културните и креативни индустрии во регионот ќе се одвиваат шест програмски целини. Со големата изложба на земјата во фокус посебно значење се дава на Германија како велесила во дизајнот, особено во сферата на дизајн на производ. Меѓународната изложба ЕКСПО е составена од домашни производители и млади перспективни дизајнери од целиот регион кои се во потрага по производители, а присутни се и студентски изложби од две Академии за Дизајн.

За првпат од годинава, организирана е посета на фабрики за мебел со цел да се поттикне соработка со дизајнерите од други земји и компаниите.

Годинешната тема ОБЈЕКТИВНОСТ е обид да се разбие заблудата дека еден производ треба да има само атрактивна форма за да може да се изложи и продаде.

„Кога се купува еден производ, се чини дека се бира врз основа на неговата естетика, а се занемарува важноста на функционалноста, материјалите и економските чинители. Оваа година, го избравме објективното над субјективното – создадовме платформа за да демонстрираме дека при бирање на еден производ одлуките треба да се засновани пред сѐ на логичка синтеза и дека токму тоа е суштината на дизајнот – функцијата”, велат организаторите. „Замислете да купите стол кој многу ви се допаднал поради својата форма и боја, но наслонот за грб е ужасен и секојдневно ви создава болки во грбот и сл. При избор на предмети со употребна вредност примерна е функцијата, секундарна е економската исплатливост и терцијална е естетиката”. Ова е нешто што Skopje Design Week веќе осум години се бори да го вкорени во размислувањето на публиката, додаваат организаторите.

Германија, годинешната земја во фокус, ќе се претстави со 12 светски познати дизајн студија, отворени презентации на дизајнерите, посета и соработка со производители од Македонија кои сакаат да настапат на германскиот пазар.

„Германија е моторот на Европа во поглед на индустриски развој, производство, извоз и земја број 1 во светот во организирање меѓународни саеми и поврзување на бизниси од целиот свет. Добриот и квалитетен дизајниран мебел може да има успех само ако производителот успее да го пласира на светските пазари, а она што е најтешко за најголемиот дел од македонските производители е долгорочниот пласман на светските пазари”, велат организаторите.

Меѓународната изложба ЕКСПО (EXPO) годинава ја сочинуваат 8 компании од Македонија, 15 млади дизајнери од регионот и две Дизајн Академии од Белград со прототипови од маси, столови, штендери, клуб-маси, расвета, фотелји, радијатори, декоративни елементи и сл.

Ѕвезди на разновидната музичка програма годинава се српскиот музички продуцент и диџеј Марк Фанк кој ќе настапи на отворањето на 21. ноември, џез групата ЗАА (24. ноември) и хрватската диско-панк атракција „Лолобригида” (23. ноември), а во текот на Неделата на дизајнот музика ќе пуштаат и диџеите Константин, Марко Рикалоски, Еми Ермилова, Ју-Екс, Соул Кејс, а ќе настапи и српската пејачка Бојана Вунтуришевиќ.

Гастрономските истражувања премиерно годинава се во форма на кулинарско шоу на популарниот белгиски мастер шеф Марк де Јонг од 23. до 25. ноември тој ќе готви и дизајнира храна заедно со гостите: поетесата Марта Маркоска, актерката и активистка Ирена Ристиќ и модните менаџери од Скопскиот моден викенд. На отворената сцена тој ќе им покаже неколку кулинарски трикови со цел да им ги подобри готвачките вештини, а од нив ќе учи за поезијата, еко-активизмот и модниот стил. Публиката која ќе го следи настанот, ќе ја дегустира храната на лице место.

Двете мултимедијални детски работилници, на 24 и 25 ноември, годинава се на тема „Шумски животни”. Под водство на Дора Локвенец, Марина Таневска и Тамара Димитрова, децата од 5 до 7 години ќе создаваат брошеви, бележници за книги, кутии за моливи, инспирирано од мотиви на шумски животни и со користење на рециклирани материјали.

На експерименталната работилница за дизајн на производи, која е веќе во тек до 22. ноември, македонски дизајнери и архитекти заедно со осум мастер студенти од Факултетот за продукт и моден дизајн при Универзитетот за уметност од Берлин (Univerzität Der Künste Berlin), предводени од светски познатата дизaјнерка и нивни професор, Инеке Ханс, заедно со архитектката и керамичарка Анета Поповска и виртуозот за плетење трска на разбој Петар Благојевски ќе создадат нови дизајн решенија за домаќинство и угостителство. Работилницата се реализира во керамичкото студио Липа на Матка, а сите производи ќе бидат изложени на Неделата на дизајн во Скопје.

Недела на дизајнот во Скопје е дело на Јавна соба – Центар за дизајн и иновација, во соработка со Делегацијата на германското стопанство со канцеларија во Македонија.

Активностите ќе се реализираат во Јавна соба и Лукс секој ден од 10:00 до 01:00 часот, а влезот за сите посетители е слободен.

Повеќе информации на: www.ministryofpleasure.net

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365