Меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions го најави своето 72. издание, кое ќе се одржи од 16 до 20 јуни 2025 година во Кан, Франција. Организаторите на фестивалот соопштија дека обезбедиле дополнителни 2 милиони евра за бесплатни пропусници за недоволно застапените таленти и недоволно застапените заедници преку програмата за еднаквост, застапеност и пристапност, која се имплементира втора година по ред.
Пријавувањето за натпреварувачкиот дел на Cannes Lions ќе биде отворено од 16 јануари 2025 година. Наградата „Glass: The Lion for Change“ ќе одбележи 10 години од нејзиното воведување, лансирана со цел славење на проектите кои користат креативност за да поттикнат позитивна, прогресивна и родово-свесна комуникација.
Натпреварувачката категорија „Social & Influencer Lions“ се преименува во „Social & Creator Lions“ за да се укаже на сè поважната улога на креаторите на содржини во медиумскиот пејзаж. Истражувачката компанија Research Nester неодамна процени дека вредноста на пазарот на креаторите на содржини ќе надмине 600 милијарди долари до крајот на 2036 година.
Новите поткатегории додадени кон „Social & Creator Lions“ ќе се фокусираат на креаторите и иновативните дела што тие конкретно ги продуцираат за брендовите. Усогласувајќи се со ова, LIONS Creators – специјалното едукативно искуство за економијата на креаторите на содржини – ќе биде дел од Фестивалот втора година давајќи им на креаторите место да се соберат за да научат како да го градат својот бизнис на одржлив и ефективен начин.
Други промени на натпреварот вклучуваат додавање на поткатегорија која ги слави долгорочните платформи на брендовите. Поткатегоријата ќе биде дел од повеќе натпреварувачки категории и ќе препознава бренд-платформи кои покажале долгорочна ефективност во градењето на брендот, поттикнувајќи лојалност кај потрошувачите и обезбедувајќи мерливи деловни резултати преку континуирани и креативни комуникациски напори.
Фестивалот од следното издание започнува и една нова иницијатива – „Country Pavilions“, за да поттикне поголема глобална застапеност на различните земји ширум светот на Cannes Lions. Ова глобално село ќе им обезбеди на земјите можност да ја покажат локалната креативност пред глобалната сцена, да ги промовираат сопствените креативни економии и да послужат како центар за едукативни сесии, истовремено овозможувајќи вмрежување меѓу преставниците на различните земји. Павилјоните ќе бидат придружени со посебна сцена за содржини која ќе го овозможи преставувањето на различни глобални перспективи.
Повикот за пријавување содржини на Cannes Lions 2025 ќе биде отворен до 31 декември 2024 година. Предлозите се добредојдени од секого и од секаде, а сите апликации за говорење на сцената треба да се поднесат преку посветениот портал за содржини. Повеќе информации се достапни на следниот ЛИНК.
Пропусниците за Cannes Lions 2025 веќе се достапни. Дополнителни детали за обемот на достапните опции, вклучувајќи ги и можностите за кофинансирање, може да се најдат на ОВОЈ ЛИНК.