Најголемиот британски комерцијален издавач на национални и регионални весници Reach одлучи да се реструктуира со долгорочна визија за работење од дома, драстично скратувајќи го просторот на своите канцеларии.
Reach е сопственик на 9 национални весници, вклучувајќи ги Daily Mirror, Daily Express и Daily Star, како и на преку 110 регионални весници и 70 онлајн новински портали. Во 2017 година, за Reach работеле над 5,000 луѓе, меѓутоа околу 500 од нив биле отпуштени минатото лето, со цел скратување на трошоците.
Сега, после опсежни анкети меѓу вработените кои поради пандемијата имаа можност да го „испробаат“ работењето во домашни услови, издавачката куќа донела план за долгорочно работење од дома, при што вработените ќе бидат поделени во три категории:
1) “home-based” – луѓе кои примарно ќе работаат од дома со повремени посети на канцелариите, пред сé за состаноци;
2) “home linked to a office” – луѓе кои примарно ќе работаат од дома, но ќе имаат почести посети на канцелариите (под половина од работното време); и
3) “office-based” – луѓе кои примарно ќе работаат од канцеларија (над половина од работното време).
Reach не појасни колкави во број на луѓе ќе бидат трите категории, со исклучок на последната, “office-based”, за која што беше посочено дека ќе биде еднаква на една четртина од вкупниот број на вработени.
Издавачката куќа ќе задржи 15 големи канцеларии во различни градови на британските острови.