Американскиот музички магазин Billboard, познат по своите музички рангирања, ја објави својата годишна листа на „најголемите“ поп-ѕвезди за 2024 година.
За разлика од традиционалните рангирања на Billboard, кои се потпираат чисто на математички податоци од бројките за продажба и стриминг, оваа листа има поширок поглед на уметничкото влијание на изведувачите.
Уредничкиот тим на публикацијата мери различни фактори, вклучувајќи музички видеа, настапи во живо и присуство на социјалните мрежи заедно со традиционалните метрики за да создаде посеопфатна проценка на влијанието на секој изведувач во текот на годината. Па така, листата вклучува веќе познати и докажани изведувачи, но исто така и нови таленти кои штотуку се пробиваат на глобалната сцена.
Искусниот рапер Кендрик Ламар го освои првото место откако објави низа успешни изданија кои одекнаа на повеќе платформи. Раперот исто така ќе настапи на полувремето од претстојниот Супер Боул т.е. финалето на американската НФЛ лига во февруари, кој впрочем традиционално важи за најгледан настан во американската медиумска сфера.
Младата Сабрина Карпентер се најде на второто место, демонстрирајќи ја променливата динамика во светот на популарната музика. Таа успеа да изгради верна публика и да забележи значителен успех како во однос на традиционалните музички метрики, така и со силниот ангажман на социјалните мрежи.
Веднаш зад неа следи докажаната Тејлор Свифт која ја обезбедува својата позиција преку комбинација на силни изведби на нејзините албуми во последните години и успехот на светската турнеја што следуваше.
Првата „петорка“ ја комплетираат Чарли XCX и Шапел Роан кои ги заслужија своите места благодарение на одличните метрики, вирални моменти и незаборавни настапи во живо кои го привлекоа вниманието на јавноста на повеќе платформи.
Од шестата до десетата позиција на листата на најголеми поп-ѕвезди на годината се наоѓаат веќе докажаните Аријана Гранде, Бијонсе, Пост Мелоун, Били Ајлиш и Џели Рол.
Повеќе за изборот на Billboard и вклучените изведувачи можете да прочитате на следниот ЛИНК.