Порано месецов, Burger King им го честиташе роденденот на McDonald’s во Германија со провокативната порака „Секој крал има потреба од кловн“, алудирајќи на нивните маскоти. Меѓутоа, овој пат, во Полска, гледаме соработка помеѓу двата брендови.
Имено, добротворната фондација на McDonald’s, позната како Ronald McDonald Houses Foundation, на 11 декември во Полска одржа добротворен настан како дел од кој донираше по еден полски злот (парична валута) за секое нарачано пакување помфрит. Собраните средства беа наменети за лекување на деца со ретки болести.
Кон добротворниот настан се приклучи и нивниот најголем конкурент Burger King, кој се реши да дава бесплатен хамбургер на секој потрошувач кој ќе покаже фискална сметка со помфрит од McDonald’s.
Кампањата исто така вклучуваше и креативи со кои фановите на Burger King се охрабруваа да купат помфрит од McDonald’s, прикажувајќи човек кој јаде хамбургер од BK, а помфрит од Mac.
Кампањата била реализирана со помош на агенцијата 180heartbeats + JUNG v MATT.