Home » Во фокусот » Наташа Божиновска Миркова: “Со LSPR целта ни е да овозможиме квалитетна едукација и простор за унапредување на ПР индустријата“

Наташа Божиновска Миркова: “Со LSPR целта ни е да овозможиме квалитетна едукација и простор за унапредување на ПР индустријата“

Лондонската школа за односи со јавност (LSPR) по повеќе од една деценија повторно се враќа во Македонија на голема врата.

По 23 генерации во Србија и штотуку завршената во Сараево, Лондонска школа за односи со јавност во септември најви свој старт и кај нас со помош и поддршка од агенцијата Represent Communications Скопје.

За концептот на ЛСПР и нејзините разлики во однос на актуелната понуда на другите достапни образовни програми, разговараме со директорката на Represent, Наташа Божиновска Миркова.

M365: Зошто Лондонска школа за односи со јавност (ЛСПР)?

Лондонската школа за односи со јавност не е прв пат во Македонија, всушност пред речиси деценија неколку генерации се едуцираа во рамки на оваа школа стекнувајќи се со меѓународно лиценцираниот сертификат препознатлив за регрутерите и HR специјалистите во светот. Со доаѓањето на Represent Communications во Скопје, доаѓа и ЛСПР.

Квалитетната едукација е секогаш добредојдена и кај оние кои градат или сакаат да градат кариера во ПР-от и кај клиентите кои како корисници на услугите на ПР експертите и агенциите го очекуваат најдоброто за своите пари.

Во Македонија постојат сериозни ПР професионалци и работењето помеѓу конкуренцијата е секогаш голем предизвик. Целта нѝ е да овозможиме квалитетна едукација и простор за унапредување на ПР индустријата. Сметаме дека со ЛСПР ќе направиме сериозен исчекор во поимањето на ПР-от во нашата земја.

M365: Во мноштвото школи, курсеви, академии и обуки веќе присутни на домашниот пазар, по што се издвојува ЛСПР?

ЛСПР (линк) е прeпознатлива по квалитетните и уникатни образовни програми и техники. Модулите се конципирани да овозможат специјализација во доменот на односи со јавност, управување со угледот, управување со криза и кризно комуницирање; да изградат вештини за брендирање и маркетинг, како и успешно надградување на знаењата во доменот на социјалните медиуми, дигиталниот маркетинг и ПР во време на дигитална револуција. Наставата е интерактивна, учесниците добиваат задачи да реагираат и да се однесуваат како ПР менаџер на конкретна компанија во хипотетичка ситуација.

M365: Се чини дека oдносите со јавноста во денешниот дигитален свет, каде комуникациите се побрзи и подиректни од било кога, добиваат уште поголема моќ. Како Вие гледате на ова?

Секако. Медиумите се менуваат но паралелно се менуваат и односите со јавност и ПР техниките. Факт е дека во денешно време, ПР напорите се интегрираат со дигиталниот маркетинг но, за разлика од маркетингот насочен кон конверзија, даваат поинакви плодови: реноме, кредибилитет, зајакнување на брендот, видливост, транспарентност. Видете го неодамнешниот потег на H&M за зголемување на транспарентноста, одличен ПР раширен дигитално.

M365: Кои модули и предавачи ги донесува ЛСПР во Скопје?

Квалитетот на програмите е докажан, она што треба да се потенцира е дека сите модули се up-to-date со трендовите и прилагодени на тоа како процесот на дигитализација се рефлектира во ПР индустријата. Направивме комбинација од странски експерти кои го носат она што е глобален тренд и know-how во светот и локални специјалисти за односи со јавност и новинари кои одлично ги познаваат овдешниот пазар и медиумите.

Предавачи се врвни професионалци, почнувајќи од Џон Далтон, Директор и основач на Лондонската школа за односи со јавност од Велика Британија; М-р Јелена Трниниќ, Директор  за односи со јавност и комуникации во The Coca Cola Company, Србија; Др. Борислав Миљановиќ, Директор и основач на Represent System, Србија; M-р Верче Георгиевска-Рупиќ, ПР експерт, Македонски Телеком, Македонија, Снежана Лупевска Созен, Огнен Јанески и други.

M365: Кога стартуваат предавањата?

Лондонската школа за односи со јавност започнува на 28 септември 2019 година (сабота), а завршува на 26 октомври 2019 година (сабота) со локација на одржување на предавањата во Park Hotel & Spa, Скопје. Пет последователни саботи резервирани за да се научи како најдобро да се изгради комуникациска стратегија и зошто, како треба да комуницираат корпорациите континуирано но и во кризни ситуации, како се гради и одржува бренд, зошто е општествената одговорност важен столб на деловното работење, како да се има успешен јавен настап, вештини на дигитален ПР итн.

M365: Какви се очекувањата?

Очекуваме квалитативна промена во ПР амбиентот и создавање на поквалификуван кадар како двигател на индустријата. Секој ПР специјалист или тим треба да тежнее кон доедукација и себе надградување со цел да биде на висина на задачата, особено во денешно време кога технологијата ги диктира промените на дневно ниво.

Од друга страна пак, компаниите треба да инвестираат во вработените затоа што тие се нивниот највреден ресурс. Во моменти на криза сите сакаме да знаеме дека имаме едуциран ПР тим на кој можеме да се потпреме.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365