Вредноста на огласувањето за време на 52 издание на Super Bowl натпреварот, достигна вкупно 414 милиони долари, што е најголема бројка досега за еден натпревар со регуларно траење
Со крајот на Супер Боул лудилото, индустријата започна со исфрлање разни видови на бројки и податоци за овој празник на американскиот фудбал, а сите овие бројки и податоци се само дел од една многу интересна слика за тоа како брендовите го поминуваат овој ден, кој за многу огласувачи е убедливо најважнен во годината.
Подолу се само неколку податоци и сознанија поврзани со овој празник на огласувањето.
Супер скапо време
Според првичните проценки на Kantar Media, вложувањата во рекламирање за време на Супер Боул LII натпреварот изнесувале околу 414 милиони долари, што е најголемиот износ за еден натпревар со регуларно траење. Минатогодишниот натпревар, кој беше првиот Супер Боул натпревар кој влезе во продолжение, им донесе на медиумските куќи кои го прикажуваа натпреварот 419 милиони долари.
Еден натпревар во американскиот фудбал трае 60 минути, а вкупното време на платени рекламни блокови на мрежите што го пренесуваа натпреварот, изнесувало цели 49 минути и 35 секунди.
Скокови во стримингот
Spotify ги следеше скоковите во стримингот за време на шоуто на полувреме, но исто така и за одредени реклами во текот на играта. Некои од хитовите на Џастин Тимберлејк како што се “Mirrors” и “Suit & Tie“, забележале скок од над 500% во стримингот еден час по неговиот настап.
И холограмот на Принц при крајот на настапот на Тимберлејк, исто така, донесе скок на стримовите меѓу неговите обожаватели. Така, неговите песни на интернет забележале просечен скок на стримовите од 205%, додека песната “I Would Die 4 You” забележа скок од 916%.
Останатите песни на кои Супер Боул им донесе скок во онлајн популарноста биле “Adventures in Mental Health“ од Will Powers од спотот за Squarespace (671%) и “Stand by Me” од Skylar Grey од спотот за Budweiser (408%).
Австралија го освои Фејсбук
Според податоците објавени од Фејсбук, повеќе од 62 милиони луѓе споделиле 270 милиони интеракции за време на Супер Боул, а 90% од тие интеракции се одвивале на мобилните телефони.
Меѓу брендовите кои забележаа успех на Фејсбук, се истакна организацијата Tourism Australia, која за натпреварот направи трејлер за „римејкот“ на филмот Crocodile Dundee во кој глумат Крис Хемсворт и Дени Мекбрајд. Четири трејлери се оптимизирани за мобилните уреди и се прикажани на Фејсбук и Инстаграм непосредно пред полувремето. Кампањата ќе продолжи со Facebook Live активности со глобалниот амбасадор Хемсворт, како и со дополнителни видеа на Инстаграм и Фејсбук.
Мерења и ѕвезди
Оваа година, USA Today Ad Meter полни 30 години. Според гласовите на јавноста и жирито, нивна топ реклама беше онаа на Амазон, “Alexa Loses Her Voice“, каде Алекса го губи гласот, по што ја заменуваат познати личности како се готвачот Гордон Ремзи, раперката Карди Би, актерката и комичарка Ребел Велсон и Ентони Хопкинс.
Рекламата на Амазон, исто така, се најде на врвот на Ad Blitz на YouTube, а следат рекламите за Groupon, Pepsi и Bud Light. Генерално, рекламите на Супер Боул забележуваат пораст на гледаноста од 16% во однос на минатата година, а 52% повеќе луѓе ги гледаа од нивната дневна соба отколку во 2017 година.