Започна пријавувањето за натпреварот за најдобро сценарио за скриптиран или нескриптиран телевизиски проект, во организација на NEM Загреб. Настанот ќе се одржи по првпат од 11 до 13 декември 2019 во хотелот Esplanade во Загреб.
Секој кој има идеја за серија, реалити шоу, натпреварувачко шоу, документарец или друг тип на телевизиски формат може да се пријави. Без разлика дали сте искусен сценарист или креативна индивидуа, ова е идеалната можност да ја презентирате вашата работа пред најголемите холивудски и европски продукциски студија.
NEM Загреб, чија цел е да ги здружи креативците од телевизиската индустрија и најголемите светски продукциски компании, го отвори конкурсот за пријавување сценарија во две категории: скриптирани телевизиски формати (драма, трилер, крими, фантазија, научна фантастика, комедија) и нескриптирани телевизиски формати (натпреварувачко шоу, реалити шоу, документарци). Независно жири, заедно со продукциските куќи кои го спонзорираат натпреварот, ќе гласаат за најдобриот телевизиски проект и ќе ги изберат десетте најдобри сценаристи од двете категории, кои ќе се сретнат со високи претставници од компании како BBC Studios, ITV Studios, Sony Pictures Television, CBS Studios International и Warner Bros на NEM Загреб.
Трите најдобри сценарија од двете категории ќе бидат презентирани пред сите учесници во најголемата сала на NEM Загреб, а авторот на најдоброто сценарио во секоја категорија ќе добие награда од 5000 евра, кој ќе му помогне во развојот на неговиот телевизиски проект.
Оние кои се заинтересирани можат да се пријават на официјалниот веб-сајт на NEM Загреб, каде што можат да купат „Креативен Беџ“ по early-bird цена од 100 евра, со што ќе можат да го пријават своето сценарио за натпреварот.
Апликацијата за натпреварот, како и подетални информации за учеството можат да се најдат на следниот линк. Крајниот рок за пријавување е 15 октомври 2019.
Настанот New Europe Market се одржува во Дубровник веќе седум години со ред. Секоја година повеќе стотици телевизиски професионалци од целиот свет и регионот учествуваат на настанот, кој вклучува панели за дискусија, проекции и различни настани за вмрежување во текот на четири дена. Изминатиот јуни, на NEM Дубровник, филмските ѕвезди Џесика Алба и Габриел Јунион ја претставија својата нова телевизиска серија “L.A.’s Finest”, во продукција на Sony Pictures Television.
За разлика од NEM Дубровник, кој ги спојува сите сегменти на телевизиската индустрија, NEM Загреб се фокусира на креативната страна на телевизискиот бизнис и неговата главна цел е глобализација на локалните содржини. Во текот на три дена, на NEM Загреб ќе имате можност да се запознаете со клучните „играчи“, да ги прикажете вашите сценаристички вештини и да слушнете што имаат да кажат некои од најпознатите телевизиски креатори во светот.