Во април оваа година, стриминг-платформата Netflix соопшти дека за прв пат по една деценија почна да губи претплатници. Како една од акциите за соочување со овој предизвик, Netflix најави воведување на нов претплатнички план по поефтина цена, но како дел од кој корисниците ќе треба да гледаат реклами.
Сега, компанијата го објави името на глобалниот партнер за огласувачка технологија кој треба да им помогне во имплементирањето на овој нов претплатнички модел – Microsoft
.„Microsoft има докажана способност да ги поддржи сите наши потреби за огласување додека работиме заедно за да изградиме нова понуда поддржана од реклами. Што е уште поважно, Microsoft понуди флексибилност за иновации со текот на времето и на технолошката и на продажната страна, како и силна заштита на приватноста за нашите членови“ – објасни Грег Питерс, генерален оперативен директор и директор за производи на Netflix.
„Сé уште е многу рано и имаме многу работа. Но, нашата долгорочна цел е јасна. Повеќе избор за потрошувачите и премиум, подобро од линеарно, телевизиско бренд искуство за огласувачите“ – истакнува Питерс.
Овој потег претставува голема придобивка за огласувачкиот бизнис на Microsoft кој сега ќе има пристап до мноштво премиум содржини.
„Маркетерите кои гледаат на Microsoft за нивните огласувачки потреби ќе имаат пристап до публиката на Netflix и до премиум поврзаниот телевизиски инвентар. Сите реклами сервирани на Netflix ќе бидат исклучиво достапни преку платформата на Microsoft“ – истакнува претседателот за веб искуства на Microsoft, Михаил Парахин.