Онлајн сервисот за превод Translated ја лансираше својата прва бренд кампања која се осврнува врз еден од највредните елементи на човековата култура – јазикот.
Именуван како „Лара“, двеминутниот спот создаден од креативната агенција AUGE Milan и продукциската куќа Mercurio Cinematografica претставуа надреална приказна за изолиран остров во Средоземното Море. Главниот лик Лара е девојче родено со специјалната дарба да ги разбира и зборува сите јазици во светот. Тоа е дарба што таа низ целиот свој живот великодушно и позитивно ја споделува со луѓето, помагајќи им во најразлични ситуации.
Држејќи се до идејата за создавање на аналогна приказна за дигитален сервис, наместо ангажирање на професионални глумци, беше решено сите ликови во рекламата да ги толкуваат локалци од сицилискиот остров Салина каде што таа беше снимена. Музиката пак, создадена специјално за рекламата, е целосно отсвирена од оркестар на аналогни инструменти.
„Нашите клиенти се сонувачи и работењето со сонувачи е секогаш инспиративно. Translated е бренд кој светот треба да го препознава не само по својата одлична понуда, туку исто така по својот уникатен однос и оптимизам. Смисливме едноставна приказна, скоро надреална, со цел да ја опишеме нашата визија и да ја искажеме нивната цел. Снимањето беше дел од авантурата. Во еден тежок момент за светот, на тој остров расцвета едно мало цвеќе,“ истакнува Федерика Аријано, извршен креативен директор на агенцијата AUGE.