Брендот за спортска опрема Nike и дизајнерското студио Accept & Proceed од Лондон изнајдоа креативен и еколошки одржлив начин како да се искористат старите и износени патики.
Имено, брендот и нивните креативни партнери реновираа кошаркарско и детско игралиште кај станбениот Блок 70 во Нов Белград, Србија. Материјалот за реновирањето на игралиштата бил добиен од 20,000 стари патики, донирани од јавноста како дел од акцијата “Move to Zero” на Nike за намалување на својот отпад.
Игралиштата добија уникатен модерен дизајн кој во себе го инкорпорира името на соседството – „Блок 70“, притоа задржувајќи ја читливоста на обележјата за одигрување на кошаркарски натпревари.
„Беше фасцинантно да се дојде до различни решенија за букви кои истовремно можат да информираат и за друга функција, како што е слободно фрлање или линија на половина терен, а уште повозбудлива е мислата дека дизајнот не само што ќе ги информира играчите за нивното движење, туку ќе влијае и врз духот и енергијата на заедницата од блокот 70“, истакнува Најџел Котиер, главен дизајнер во студиото Accept & Proceed.