Брендот за спортска опрема Nike се здружи со агенцијата R/GA London со цел да лансира виртуелна програма за трчање во напор да ја одржува активноста на атлетичарите за време на карантинот.
Поради пандемијата, голем број на спортски настани продолжуваат да бидат откажувани или одложувани, а како резултат на тоа атлетичарите се соочуваат со пад во својата физичка форма и спортски дух. Со цел да внесе важна доза на оптимизам во нивните животи, Nike ја лансираше „Бестрашната виртуела трка“ (“Fearless Virtual Race”).
Брендот се надева дека со оваа кампања ќе придонесе кон поголема ангажираност и активност на атлетичарите за време на карантинот, а истовремено и кон градењето на чувство за заедница и меѓусебно охрабрување во овој тежок период.
Првата виртуелна трка беше одржана на 11 април преку мобилната апликација “Nike Running Club”, а идејата беше да коинцидира со времето на берлинскиот полумаратон, односно миланскиот и парискиот маратон.
Како дел од кампањатта беа создадени бројни видео содржини кои ги раскажуваа приказните на повеќе локални атлетски клубови и нивните членови. Исто така беа линкувани едиторијали за едукација во однос на здравата исхрана, квалитетното спиење и закрепнувањето од повреди.
Виртуелната трка вклучуваше и специјални музички плејлисти, како и тркачки броеви кои учесниците потоа можеа да си ги испечатат.