Понекогаш е премногу тешко да се одолее на добар бургер, па дури и ако сте моден модел или замислен интелектуалец…
Брендот за брза храна McDonald’s во Латвија објави три видеоспотови како дел од нивната нова кампања насловена “Poker Faces” („Покер Лица“), при што секоја реклама се фокусира на лик кој се смета себеси како „премногу кул“ за да јаде хамбургери и помфрит.
Меѓутоа, понекогаш желбата за мрсна храна преовладува и дури ни оние „најкул“ меѓу нас не можат да одолеат на вкусна закуска, а кампањата претставува храбар потег – одлучувајќи да се фокусира на публика која често не е цел на брендот.
Во првиот спот, гледачите се запознаваат со интелектуалец по име Вилхелм чии многу важни мисли се прекинати од реклама на McDonald’s. Вториот спот го прикажува Том, чие готичко однесување не соодветствува на радоста на брзата храна, а конечно тука е и модната манекенка Ангела, која постојано се соочува со искушението да јаде помфрит.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција TBWA\Latvia и продукциското студио Film Angels Productions.