The Woolmark Company е австралиска непрофитна организација која соработува со 60,000 австралиски производители на волна, издавајќи сертификати за нејзиниот квалитет и чистота.
Со цел промоција на придобивките од волната како еколошка и одржлива алтернативна на ситетичките материјали, The Woolmark Company неодамна ја лансираше својата нова глобална кампања насловена „Носете волна, а не фосилни горива“ (“Wear Wool, Not Fossil Fuel”).
Во централниот спот на кампањата се истакнува дека на секои 25 минути, по еден олимписки базен на нафта се троши за производство на синтетички материјали и облека. Од друга страна, пак, кампањата истакнува дека изборот на природни влакна, како волната, може да биде решение за намалување на штетните еколошки влијанија од модната индустрија, истовремено овозможувајќи им на потрошувачите поинтимно да се поврзат со природата.
Покрај краткиот филм, кампањата е проследена и со различни out-of-home реклами во форма на постери, класични билборди и иновативни тродимензионални билборди, кои пренесуваат моќни визуелни пораки за штетноста на синтетичките материјали, односно придобивките од волната.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција 20something и продукциското студио Park Village, а се реализира на пазарите во Австралија, САД, Обединетото Кралство и Франција во текот на месец септември.