Отворен е најновиот повик за социјални иновации поврзани со климатските промени во рамки на UPSHIFT програмата, наменета за средношколци.
Најновиот повик од програмата е посветен на темата „почва“. Во рамките на овој циклус, тимовите составени од најмногу 5 средношколци треба да достават предлог решенија за проблеми/предизвици поврзани со почвата вклучувајќи:
- Предизвици/проблеми и предлог решенија насочени кон намалување на емисиите на стакленички гасови кои произлегуваат од користење на почвата.
- Предизвици/проблеми и предлог решенија насочени кон намалување на токсичноста на почвата произлезена од отпадни води и/или идустриски активности.
- Предизвици/проблеми и предлог решенија насочени кон искористување на стакленичките гасови настанати со користење на почвата за други цели.
- Предизвици/проблеми и предлог решенија кои се насочени кон одговорно користење и третирање на почвата.
Повикот е отворен до 19.02.2023, а повеќе информации за повикот и како може да аплицирате може да прочитате на официјалната страна на UPSHIFT: https://upshift.lead.org.mk/upshift-ciklus-4-pochva/ .
UPSHIFT како програма за социјални иновации, се базира на решавањето на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и заштита на животната средина. Во рамки на UPSHIFT програмата во 2022 година се одржани три циклуси на три различни теми и тоа: вода, воздух и енергија, со над 520 пријавени учесници од кои 150 биле избрани во финалната рунда од програмата односно, секој циклус вклучува избор на 10 тимови финалисти од кои понатаму се избираат 5 победнички тимови кои освојуваат 120 000 денари за реализација на нивните решенија.
Доколку си средношколец кој има предлог решение насочено кон одговорно користење и третирање на почвата, формирај тим од 5 соученици, пополни го апликацискиот формулар за четвртиот UPSHIFT циклус и освој 120 000 ден за реализација на твоето решение. Биди во тек со најновите информации за UPSHIFT и заследи ги профилите на LEAD на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм.
Програмата UPSHIFT ја реализира Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) во рамки на проектот „Охрабрување на децата и младите во Северна Македонија да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“ што го спроведува УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и Фондот за иновации и технолошки развој на РСМ.
За успехот и влијанието на програмата зборуваат и самите средношколци кои денес активно ги спроведуваат решенијата во своите училишта со поддршка од менторите.
“Сметам дека е важно младите да се вклучуваат во ваков тип програми, без разлика дали станува збор за загадувањето на воздухот или друг вид проблеми во одредена општина или училиште. Да се биде дел од UPSHIFT значи да се биде свесен дека загадувањето на воздухот и животната средина претставуваат вистински проблем и дека нашите одлуки денес влијаат врз нашата иднина“ – сподели Митко Тофилоски ученик во СОУ Гостивар, учесник на UPSHIFT циклус воздух.
Митко е дел од победничкиот тим на вториот UPSHIFT циклус на тема воздух кој денес работи на конструирање биоразградувач „ТТД“ што ќе користи биоразградлив отпад кој ќе го трансформира во биогас и ќе произведува електрична енергија за домашна употреба. Со тоа ќе се спречи загадување на воздухот со метан.
„Покрај практичното искуство кое верувам дека ќе ми користи во иднина особено,ме мотивираше желбата да ја покренеме свеста за акција во склоп на еколошкиот клуб на нашето училиште во којшто членуваат сите претставници на нашиот тим. Верувам дека соработката со менторите како и самите контакти и можноста за вмрежување ќе ни помогнат да им доловиме на нашите соученици дека активната вклученост за заштитата на животната средина има голем број придобивки“ – сподели Миа Драгниќ ученик во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ учесник на UPSHIFT циклус воздух.
Миа е дел од победничкиот тим на вториот UPSHIFT циклус на тема воздух. Таа денес работи на создавање иновативен систем за филтрација на воздух, наречен Хексам филтер кој ќе се поставува на прозорци, транспортни средства, фабрики и на отворено.