& The Network е нова глобална мрежа на креативни агенции која отпочнува со работа оваа недела и покрај тешките времиња за креативната индустрија. Пер Педерсен, поранешен креативен директор на Grey Global, е основачот на оваа нова глобална агенциска мрежа која гледа кон иднината и се одликува со висока креативност, заедно со уште долга листа на истакнати имиња од креативната индустрија.
„Во моментот се наоѓаме во исклучително тешки услови за креативната индустрија, но исто така претставува совршено време за лансирањето на нова агенциска мрежа за иднината,“ објаснува Пер Педерсен, додавајќи: „Ние на нашите клиенти им нудиме директен пристап до една глобална мрежа од извонреден креативен талент без сите нивоа и компликации кои соработката со традиционалните глобални мрежи ја претвораат во споро и скапо искуство.“
Новата агенциска мрежа ќе ја предизвика „Големата шестка“ – назив за шестте најголеми холдинг компании кои ги контролираат традиционалните глобални агенциски мрежи, и амбициозно ќе започне со деловна работа со 15 основачки агенции-партнери кои покриваат преку 20 светски пазари. Листата на партнери ги вклучува агенциите: Herezie од Париз, Small од Њујорк, Founders со канцеларии во Мајами, Мексико Сити, Буенос Аирес и Кингстон Јамајка, Libre од Панама Сити, Amsterdam Berlin во Амстердам и Берлин, Rehab и Freeturn од Лондон, Worth Your While од Копенхаген, White Rabbit од Будимпешта, Ostrich Co од Торонто, Mr Positive во Токио и Сеул; како и неколку новоосновани агенции, вклучувајќи ги Marvin од Лос Анџелес, _2045 од Барселона, Shelly Beach Motorcycle Club од Сиднеј и Farm во Стокхолм и Хелсинки. Сé на сé, над 400 креативци од 35 националности.
„Ние собравме глобален креативен дрим-тим од искусни и повеќекратно наградувани креативни генијалци кои стојат зад некои од највозбудливите агенции и креативни дела во нашата индустрија. Сите ние доаѓаме од големи работни места во традиционалниот агенциски свет, но почувствувавме дека креативноста започна да игра второстепена улога, како што индустријата го изгуби својот правец и стана сé повеќе и повеќе корпоративна,“ посочува Педерсен.
Покрај Педерсен, бордот на директори на новата агенциска мрежа ќе го сочинуваат и: Стефани Вандер Верф (ко-основач во Libre), Тања Де Поли (ко-основач на Founders), Чарлс Пиуг (ко-основач, CEO и CCO во _2045) и Петер Грасе (основач и продуцент во Mr Positive). Претседател на бордот на директори ќе биде Андреа Стилачи, основач и CEO во Herezie од Париз.
Новата агенциска мрежа & The Network ќе биде пионер на еден алтернативен бизнис модел базиран на прекугранична соработка. „Ние не сме во сопственост на парите, туку сме во сопственост на агенциите. Ова значи дека агенциите остануваат навистина независни и остануваат креативно фокусирани,“ истакнува Педерсен, посочувајќи дека ваквиот пристап му дозволува на новата агенциска мрежа да ги отстрани повеќето од традиционалните одлики на типичните големи агенции: „Ние немаме фенси канцеларии, немаме огромни директорски плати и немаме хорда на контролори.“
Со неколку глобални брендови кои веќе се наоѓаат на нивната листа на клиенти, новиот концепт на & The Network кој ги крши правилата веќе почна да добива внимание од јавноста, иако „бојата сé уште се суши“ на нивните метафорични ѕидови. Како што се вели на крајот од нивната презентација: „Иднината им припаѓа на оние кои ги кршат правилата.“