Home Centre е бренд за малопродажба на мебел на Блискиот Исток кој верува дека секој дом има своја уникатна приказна. Во својата нова кампања насловена “The Homecoming” („Враќање дома“), Home Center реши да ги предизвика социјалните табуа во регионот и да понуди поддршка за семејствата кои сакаат да посвојат деца.
Централниот филм на кампањата претставува емотивно визуелно патување кое ја доловува загриженоста на еден заљубен пар, нивните радости, нервози, но и заедничка упорност додека ги надминуваат семејните, општествените и меѓучовечките предизвици за да стигнат до целта да посвојат дете.
Кампањата е осмислена врз основа на детални интервјуа со парови кои сакале да посвојат или посвоиле дете, осврнувајќи се на нивното општествено и легално патешествие во времетраење од шест до девет месеци кои се потребни за посвојување.
Во регионот на Блискиот Исток, на посвојувањето деца обично се гледа со неодобрување, понекогаш активно се осудува, а претставува и вистински правен предизвик. Меѓутоа, постои реална потреба од него, со оглед на големиот број на деца кои остануваат сираци поради постојаните војни и бегалската криза.
Кампањата има за цел да ги скрши тие табуа и погрешни перцепции, започнувајќи регионална иницијатива за да им помогне на оние родители кои не можат да имаат деца, како и на оние родители кои имаат деца, но сакаат да посвојат и згрижуваат, да се чувствуваат инспирирани, како и овозможени да посвојуваат и негуваат деца.
Кампањата се реализира со помош на креативната агенција Leo Burnett Middle East и продукциската куќа Prodigious ME.