Брендот за брза храна McDonald’s лансираше нова кампања за британскиот пазар насловена “Raise Your Arches” („Подигнете ги вашите лаци“).
Централниот спот на кампањата е доста необичен во тоа што не прикажува никакви снимки од ресторани или храна, ниту пак се слуша изговорен збор. Дејството на рекламата е сместено во некоја работна канцеларија каде вработените се договараат да отидат во McDonald’s само преку употребата на невербална комуникација.
Притоа, главен акцент во таквата комуникација е ставена на веѓите на нивните лица, односно подигнувањето на веѓите треба да алудира на препознатливите златни лаци од логото на McDonald’s.
Со оваа реклама McDonald’s покажува дека е доволно препознатлив бренд кој со јавноста може да комуницира суптилно, а притоа да биде целосно јасно за кого станува збор.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Leo Burnett и продукциската куќа Moxie Pictures.