Македонската издавачка куќа Филтер Лабел во изминативе два месеца продолжи со успешни пласмани на музика од својот каталог во реклами за познати брендови и телевизиски серии.
Најновата реклама на брендот Wagner, што е дел од групацијата Nestle, за нивната нова пица Backerkruste, започна со емитување во Германија минатиот месец. Рекламата со работно име Dancing Man ја содржи песната This is Breaks од американскиот брејкбит продуцент Josh Chambers, која потекнува од истоименото издание на Филтер Лабел. Клупскиот хит на Chambers, претходно искористен и во реклама за Nike Football, претставува одлична позадина за шеговитата реклама во која новата пица на Wagner ги зближува соседите во едно мирно предградие.
Кон крајот на април и американските телевизиски гледачи слушаа музика од каталогот на Филтер Лабел. Популарното реално шоу Love & Hip Hop: Atlanta кое се емитува на телевизиската мрежа VH-1, во една од своите последни епизоди ја вклучи песната Phantom од македонскиот продуцент Tripnotic. Иако ова реално шоу речиси исклучиво емитува хип-хоп музика, а песната Phantom жанровски спаѓа во рамки на електронската музика, продуцентите одлучиле да ја искористат, затоа што претставува “електроника со хип-хоп став”. Ова е симболично продолжување на низата пласмани на музика од Tripnotic во емисии на некои од наголемите американски телевизиски мрежи (CNN, Bravo, Discovery, National Geographic, History, Esquire).
И конечно, со особено задоволство ве известуваме дека музика од каталогот на Филтер Лабел може да се слушне и во новата реклама на еден македонски бренд. Станува збор за најновата телевизиска реклама за Бекутан на компанијата Алкалоид со која се одбележуваат 40 години од постоењето на брендот. Песната во рекламата е Tiny Nose од популарната чилеанска кантавторка Yael Meyer. Нејзиниот нежен, чувствителен стил совршено се вклопи во приказната за растењето и родителската љубов во новиот спот за Бекутан.