За време на својата конференција за девелопери WWDC 2023, технолошкиот гигант Apple претстави повеќе новитети кои ќе ги заинтересираат нивните корисници. Покрај претставувањето на нивниот прв хедсет за виртуелна реалност кој привлече најголемо внимание кај јавноста, компанијата исто така претстави неколку нови функции и апликации кои ќе можат да се употребуваат преку новиот оперативен систем iOS 17 на нивните паметни телефони и други уреди.
- Контактни постери
Корисниците на iPhone сега ќе можат да креираат персонализирани „постери“ со својот лик кои ќе им се појавуваат на телефоните на другите корисниците кога овие првите им ѕвонат. Корисниците ќе можат да ја менуваат сликата, фонтот или бојата на својот „постер“, или пак да се определат за анимиран аватар на себе си.
- Клонирање на говор
Како дел од презентацијата на новиот оперативен систем iOS 17, компанијата ја претстави и функцијата за клонирање на говор именувана “Personal Voice”. Оваа алатка е наменета за личности кои имаат проблем со нивниот говор, а со нејзината помош ќе можат да направат дигитална копија на нивниот глас. Таквата дигитална копија, со помош на комплементарната алатка Live Speech, потоа ќе можат да ја користат за испраќање на дигитално креирани гласовни пораки според однапред напишан текст кој што сакаат да го изразат. Тие исто така ќе можат да меморираат одредени често користени фрази.
Заедно со оваа алатка беше претставена и друга функција за оние кои имаат потешкотии со видот. Имено, алатката “Point and Speak” ќе им овозможи на корисниците да скенираат одреден текст кој е тешко читлив, со цел телефонот потоа да им го „прочита“ тој текст во аудио форма.
- Водење дневник
Новата апликација едноставно насловена “Journal” ќе им овозможи на корисниците да водат личен дневник на својот паметен уред, документирајќи ги своите размислувања, емоции и настани во текот на денот. Притоа, корисниците нема да бидат оставени сами на себе да ја смислуваат содржината за нивниот дневник, бидејќи со помош на машинско учење нивниот уред ќе им нуди персонализирани предлози.
- Алатки за ментално здравје
Во апликацијата Health за iOS 17 и iPadOS 17 и апликацијата Mindfulness за watchOS 10, корисниците ќе можат лесно да ги документираат своите моментални емоции преку преглед на променливи графички форми кои на апстрактен начин најдобро ги отсликуваат нивните расположенија, движејќи се од „Многу пријатно“ до „Многу непријатно“. Понатаму, корисниците ќе можат да изберат асоцијации кои најмногу влијаат на нивните чувства, како на пример „Патување“ или „Семејство“.
Со овие нови увиди, апликацијата Health ќе може да им помогне на корисниците да утврдат дали фактори како спиењето или вежбањето, или дружењето со пријатели, влијаат на нивната ментална состојба, овозможувајќи им подобро да го сфатат и да управуваат со нивното целокупно здравје.