Врховниот суд на Соединетите Американски Држави донесе одлука со која ја потврдува претходната одлука на понискиот окружен суд кој ѝ наложи на администрацијата на Трамп да ги „ослободи“ замрзнатите средства за странска помош, и тоа по однос на договори и работни обврски кои се веќе исполнети – иако не е јасно колку брзо парите ќе почнат повторно да се исплаќаат.
Со тесно мнозинство од 5 наспроти 4 гласови, Врховниот суд ја отфрли жалбата на извршната власт на Трамп, истовремено налагајќи му на окружниот судија Амир Али (кој ја донесе првичната одлука) да го појасни својот став со кој бара брзо ослободување на речиси 2 милијарди долари помош за веќе исполнети договори и обврски.
Мнозинството на Врховниот суд забележа дека извршната власт не ја оспори првичната наредба на Али, туку само крајниот рок за нејзино извршување, кој заврши минатата недела. Судот му наложи на Али: „да разјасни кои обврски мора да ги исполни Владата за да обезбеди усогласеност со наредбата за привремена забрана, со должно внимание на изводливоста на какви било временски рокови за усогласување“.
Федералната влада на САД пред околу еден месец ја замрзна странската помош по извршната наредба на претседателот Доналд Трамп за програми кои не одговараат на неговите надворешнополитички цели, вклучувајќи го откажувањето на 5.800 договори на Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) и на уште 4.100 грантови на Стејт департментот во вкупна вредност од речиси 60 милијарди долари.
Иако денешната одлука на Врховниот суд означува мал пораз за администрацијата на Трамп, непрофитните организации и компании кои тужеа поради замрзнатите договори сè уште ги чекаат парите за кои тие тврдат дека им се должат.