Највисоки стандарди за заштита на животната средина преку дијалог со граѓанскиот сектор и науката
Во рамки на годинешниот „Отворен ден во УСЈЕ“, невладината организација „Гоу Грин“ (Go Green) организираше работилница за искуствата од соработката на невладиниот сектор со индустријата, чија цел е следење на имплементацијата на највисоките стандарди во грижата за животната средина.
– Доколку индустриските капацитети сакаат да бидат прифатени како одговорни членови на заедницата, тогаш треба така и да се однесуваат во сите нивни деловни операции. Довербата директно зависи од отвореноста на компаниите за активен и искрен дијалог и нивната подготвеност да ги слушнат, препознаат и земат предвид интересите на граѓаните и заедницата при планирањето и спроведувањето на своите активности. Со ваквиот пристап на отворена дискусија со граѓаните, УСЈЕ е пример на одговорен член на заедницата – рече Антонио Јовановски, извршен директор на НВО „Гоу Грин“.
Покрај невладините организации, на работилницата учествуваа и други претставници од граѓанскиот сектор, локални самоуправи, но и од науката, која ги претстави најновите трендови во таканареченото „чисто производство“.
– Индустриските капацитети се неодвоив дел од социјалниот и економскиот развој на општествата. Истовремено, современата наука нуди широки можности за прилагодување на постојните технологии, но и нови технолошки решенија. Тие, не само што ги земаат предвид потребите и предизвиците со кои се соочува заедницата во областа на животната средина, туку нудат решенија и на пошироки општествени проблеми. Неспорно, таков е примерот со технологијата за користење на алтернативните горива, која дава системско решение и за проблемот со отпадот – изјави професор д-р Атанас Кочов од Институтот за чисто производство.
На средбата беше презентирана и новата ЕУ директива за индустриски емисии.
Во рамки на работилницата, беше организирана и обиколка на Цементарница УСЈЕ, при што учесниците се запознаа со процесот на производство и со активностите и мерките кои компанијата ги има преземно и ги планира за прилагодување на технолошкиот процес кон највисоките стандарди за заштита на животната средина.