Вообичаено, научени сме билбордите да содржат едноставна и директна порака од само неколку зборови, а најмногу една реченица. Сето тоа комбинирано со впечатливи и „шарени“ визуелни решенија кои треба да го привлечат погледот на минувачите.
Но, зарем во еден таков контект на шареноликост и кратки пораки, не стануваме презаситени од вообичаената формула на билбордите, па често не ги ни забележуваме? Што ако правилата за билбордите ги превртиме наопаку, па преку различност од сите други да се истакнеме во визуелниот метеж?
Токму тоа е идејниот концепт на новата билборд-кампања на брендот за овесни производи Oatly, наменета за новозеландскиот пазар. Имено, наместо да постави „шарен“ билборд со кратка порака, Oatly постави „чаршав“ од црн текст на чиста бела основа (и една мала слика на овесно млеко во бело пакување).
Почнувајќи со реченицата: „Постои само едно нешто што треба да го знаете за Oatly“, билбордите продолжуваат да објаснуваат „на долго и на широко“ зошто треба да ги изберете токму производите на Oatly. Дотолку што огромниот билборд не им бил доволен, па поставиле уште еден на кој се дообјаснуваат!
На некој начин, поради самата своја различност, билбордите ве предизвикуваат да ги прочитате, а доколку немате време за тоа, барем сигурно да ги забележите.
Самата компанија си ги опиша сопствените билборди како „најзборливите, најглупави билборди на сите времиња“, но дали е така? Што мислите, глупав или генијален потег на Oatly?