Банката на Англија ги објави официјалните дизајни за следната емисија на банкноти во Обединетото Кралство, кои што ќе го носат ликот на новиот крал Чарлс III.
Полимерните банкноти, за кои се планира да бидат пуштени во оптек кон средината на 2024 година, го прикажуваат портретот на кралот на предната страна на банкнотите од 5, 10, 20 и 50 фунти. Неговото лице ќе се појави и на проѕирниот безбедносен прозорец на банкнотите, а новите пари ќе ги задржат и другите основни безбедносни детали како што се холограмите против фалсификување.
Постоечките банкноти со ликот на кралицата Елизабета II ќе останат законско средство за плаќање, а валутите со лицата на претходникот и наследникот ќе циркулираат истовремено штом дизајните со Чарлс III ќе бидат пуштени во оптек.
Иако бесконтактните плаќања пополека стануваат норма, а готовината се користи сé помалку, Банката на Англија открива дека сепак над 4,7 милијарди банкноти со портретот на кралицата сè уште се во оптек – во вкупен износ од 82 милијарди фунти. За да се минимизираат еколошките и финансиските влијанија, кралското семјество ја советувала банката да испечати доволно банкноти само за да ги замени оние старите и истрошени.
Иако монети кои прикажуваат портрети на британските монарси постојат од доцните 1400-ти години, банкнотите со нив се прилично нови. Банкноти со кралскиот лик за прв пат биле воведени во Велика Британија дури во 1960 година, и тоа со ликот на кралицата Елизабета II, што значи дека кралот Чарлс III е само вториот британски монарх чиј портрет ќе се најде на банкнотите. Неговиот портрет ќе се појави и на монетите, кои претходно беа откриени од Кралската монетарница.
Задната страна на банкнотите на кралот Чарлс ќе остане иста, со лицата на авторката Џејн Остин на дизајнот од 10 фунти, уметникот Џ.М.В. Тарнер на банкнотите од 20 фунти и компјутерскиот инженер Алан Туринг на верзиите од 50 фунти.