Смртта на кралицата Елизабета Втора и крунисувањето на кралот Чарлс Трети предизвикува многу промени за Обединетото Кралство. Минатата недела пишувавме за воведувањето на новиот кралски грб, кој што ќе се најде на јавни згради, униформи, поштенски сандачиња и службен канцелариски материјал.
Сега, пак, Кралската монетарница, која го надгледува производството на монетите во Обединетото Кралство, го објави дизајнот за новите монети кои ќе го носат ликот на кралот и ќе претставуваат симбол на неговото владеење.
Следејќи го дизајнот на минатите монарси, монетите од 5 фунти и 50 пени ќе го прикажуваат страничниот профил на кралот, без круна. Традицијата е лицата на кралските наследници да бидат свртени во спротивната насока во однос на нивните претходници, па така Чарлс е свртен лево, спротивно на ликот на Елизабета насочен десно.
Околу работ на монетата ќе стои натписот “CHARLES III • D • G • REX • F • D • 5 POUNDS • 2022”, што значи „Кралот Чарлс III, по благодатта Божја, бранител на верата“.
Портретот ќе се користи на сите монети од едно пени до 2 фунти почнувајќи од следната година, а колекционерите ќе можат да купат комплет почнувајќи од следната недела.
Портретот на кралот е создадена од страна на скулпторот Мартин Џенингс, кој проучувал повеќе фотографии од кралот дадени од британското кралско семејство. Потоа, тој направил дизајн во гипс со многу поголеми димензии од паричка. Дизајнот, конечно, требало да биде одобрен од самиот крал.
Монетите со ликот на кралицата Елизабета Втора ќе продолжат да важат и да се употребуваат во Обединетото Кралство и државите на Комонвелтот до нивното постепено повлекување од употреба и замена со новите пари со ликот на Чарлс Трети.