Проект за брендирање на автентични национални производи
ОТВОРЕН ПОВИК
За пријава на креативни решенија за брендирање на слатко од домашно производство, од асортиманот на производителот Јоми Фуд Велес, со портфолио од седум видови на слатко: аронија, вишна, јагода, портокал, зелена смоква, малина, дива капина, во рамки на Конкурсот што го организира Здружението на граѓани – Движење за поддршка на креативноста ИВО ЛАУРЕНЧИЌ Скопје – “Браво Сине!“. Наградниот фонд за избраното креативно решение е во висина од 200.000,00 денари и се исплатува најдоцна еден месец по јавното прогласување на победникот.
Наградата ја обезбедува Здружението на граѓани – Движење за поддршка на креативноста ИВО ЛАУРЕНЧИЌ Скопје – “Браво Сине!“, а проектот за брендирање на национални производи се спроведува во соработка со Skopje Design Week (SDW).
Сите пријави испратени на интернет адресата Ivo.laurencic@bravosine.mk до 01 септември 2014 година се сметаат за примени од моментот кога ќе им биде доделена шифра од страна на администраторот. Пристигнатите решенија ќе ги разгледува жири комисија составена од претставници на Движењето за поддршка на креативноста ИВО ЛАУРЕНЧИЌ Скопје – “Браво Сине!“ и Skopje Design Week (SDW) под шифрираниот редослед. Во финалната фаза на избор ќе биде вклучен и претставник на производителот.
ПРАВИЛА ЗА УЧЕСТВО
Секој пријавен кандидат треба да е државјанин на Република Македонија, на возраст до 28 години и со поднесувањето на пријавата се смета дека ги прифаќа следниве услови за учество:
- Движењето за поддршка на креативноста ИВО ЛАУРЕНЧИЌ Скопје има право да ги изложува на јавни настани дизајнерските решенија (идејни проекти) поднесени од сите кандидати, со цел популаризирање на креативноста и самиот Проект за брендирање на автентични национални производи. Здружението се обврзува при изложувањето да го означи името на кандидатот кој го изработил решението. Кандидатот го задржува авторското право врз идејното решение
- Кандидатот чие дизајнерско решение (идеен проект) ќе биде наградено, ги отстапува сите авторски права на Здружението на граѓани – Движење за поддршка на креативноста ИВО ЛАУРЕНЧИЌ – Скопје
- Секој кандидат гарантира за оргиналноста на идејното/графичкото решение и ја презема целосната материјална и нематеријална одговорност за истото
- Еден кандидат поднесува еден сет на дизајнерски решенија или идеен проект
- Организаторот го задржува правото на избор на две дизајнерски решенија (идејни проекти) кои влегуваат во истиот награден фонд
НАСОКИ ЗА ИЗРАБОТКА НА ПРЕДЛОЗИТЕ:
Информации за компанијата и производите:
Јоми Фуд е компанија формирана со домашен капитал, основана во 2007 година. Производствениот асортиман на компанијата го сочинуваат ајвар и лутеница, пастеризирани производи од зелка и различни видови слатко.
Слатката на Јоми Фуд се претежно присутни на домашниот пазар (околу 80% од производството), додека помал дел од производството (околу 20%) се пласира на странски пазари. Суровините за производство на слатката се од домашно потекло (аронија, вишна, зелена смоква, малина, јагода, дива капина), со исклучок на суровината за производство на слатко од портокал.
Слатката се пакуваат во стаклени тегли од 900 грама, 700 грама, 450 грама и 250 грама. Малопродажните цени на слатката од 450 грама се движат од 100 до 115,00 денари, а на оние од 250 грама, од 70-80,00 денари.
Производите се наменети за различни генерации, со посебен акцент за доближување на слаткото до помладата популација.
Дополнителни информации за компанијата и производите се достапни на следната интернет страница www.jomifood.com.mk.
Елементи кои треба да бидат аплицирани на предложените решенија за осмислување на изгледот на амбалажата – етикети:
- Името на новиот бренд за сите типови на слатко кои се предмет на задачата
- Името на производителот – Јоми Фоод ДООЕЛ, Скопски пат бб, Велес
- Состав: овошје, шеќер, вода
- Датум на производство
- Тежина во грамови
- Со ситен испис да се вклопи „Поддржано од Движењето за поддршка на креативноста ИВО ЛАУРЕНЧИЌ Скопје и Skopje Design Week”, соодветно да се аплицира логото Браво сине, кое во различни формати може да се симне од интернет страницата www.bravosine.mk и логото на SDW, кое е достапно на интернет страницата www.ministryofpleasure.net
Насоки за работа:
- Заради оптимизација на трошоците во продукцијата (печатење) и понатамошниот процес на рачно лепење на етикетите, се препорачува креирање на дизајнерски решенија со едноставна продукциска изведба. Да се одбегнува комплицирана штанца, златна и сребрена боја, доработка на продуцираните решенија по печатење (лак во детали и сл.)
- Со оглед на потребата за приближување на слаткото до младата популација, се сугерира соодветен пристап за споменатата целна публика во вкупната предложена креатива – репозиционирање кон модерно и во тренд, со свеж и впечатлив пристап
- Со оглед на тоа што слатката се произведуваат по традиционална рецептура, без употреба на конзерванси, производите се сместуваат во групата – вкусно и природно
ДИЗАЈНЕРСКА ЗАДАЧА
Задолжителни елементи:
- Осмислување на изгледот на амбалажата на сите седум типови на слатко поединечно, во иста гама на креативен пристап (сет од седум различни видови), на еден тип на амбалажа од 450 грама, со можност за понатамошна адаптација на друга величина на амбалажата (mock up во прилог)
- Осмислување на име на брендот за линијата слатка
- Ексклузивна кутија (за подарок) за 3 типови на слатко со теглички од 450гр.
- Дизајн на постер за целата линија на слатка (седум видови – аронија, вишна, дива зелена смоква, дива капина, малина, портокал и јагода)
Опционални елементи:
- Останати креативни решенија кои можат да бидат имплементирани на местата на продажба или алтернативно огласување (smart advertising) со оглед на ограничениот буџет на производителот за промоција.
ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
Етикета:
- Етикетата може да биде направена од еден дел, со максимална димензија 210х55 мм, или од два дела (предна и задна етикета) со максимални димензии: предна етикета 100х55 мм и задна етикета 80х55 мм (скици во прилог).
- Во зависност од дизајнот постои можност етикетата да биде во неправилна форма, односно штанцана.
- Етикетата може да биде печатена во 4 бои (CMYK, full color) со можност за дополнителни две бои, исклучиво пантон.
- Употреба на златотиск, фолии, УВ лак, висок и длабок печат не се дозволени за оваа етикета.
Поклопец:
- Можност за налепница на поклопецот со дијаметар 55 мм која може и да преминува странично на теглата.
- Можност за заштитна хартија за поклопец со димензии 150х115 мм (по сопствен избор дизајнерот може да се додаде коноп, ластиче, лента…)
Ексклузивно пакување:
- Формата и димензиите на кутијата се по избор на дизајнерот согласно концептот кој го предложува.
Постер:
- Формат на постер Б2 (500х700 мм).
НАСОКИ ЗА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПРЕДЛОЗИТЕ
- Предложените креативни решенија се доставуваат електронски на Ivo.laurencic@bravosine.mk, најдоцна до 01 септември 2014.
- Предложените решенија треба да се вклопат во ppt презентација до 5 MB, може да се достави и pdf документ.