За прв пат во својата историја, Меѓународниот олимписки комитет ѝ остави на јавноста да го избере официјалното лого за едни Олимписки игри, во случајот за Зимските олимписки и параолимписки игри кои треба да се одржат во Милано и Кортина во 2026 година.
Минатата недела, комитетот објави два предлози за официјално лого на игрите во 2026, кои ги стави на гласање пред јавноста. После 871,000 гласови од 169 земји ширум светот, мнозинството од луѓето (75%) одлучија дека официјално лого за игрите во 2026 треба да биде она именувано како “Futura”, наспроти “Logo Dada”.
Победничкото лого го прикажува бројот 26, испишан во една континуирана линија и обоен во бела боја со сиви нијанси – како да се работи за бројка изпишана во мраз.
Главната реклама за Зимската олимпијада наводно ќе прикажува дете кое ја испишува бројката 26 на замрзнат прозорец, кој се трансформира во поглед кон светот на зимските спортови.
Логото за Параолимписките игри 2026 во основа ќе го следи истиот дизајн, со таа разлика што бројката 26 ќе биде обоена во црвено, сино и зелено, истовремено одразувајќи некои аспекти на северната светлина (аурора бореалис).
Објаснувајќи ја одлуката да се додели изборот за официјален амблем на публиката, претседателката на координативната комисија за игрите во 2026, Сари Есај, истакнува дека стратегијата е да се организираат игри во чиј фокус се луѓето, засновани врз убедувањето дека заедно сме посилни.