Предавачи од СХЛ високата школа од Луцерн ќе сертифицираат мастер обучувачи од Македонија кои по успешно завршување на обуката ќе се стекнат со меѓународно признат сертификат за понатамошно вршење обука на вработени од индустријата на угостителство
Македонија ќе ги подигне стандардите на услугите во туризмот, а со денешното официјално отворање на тренинг центарот Академик, партнер на една од најпрестижните високошколски институции за менаџмент во хотелиерство и ресторани – Швајцарската академија за хотелски менаџмент од Луцерн (СХЛ), во блиска иднина ќе стане и регионален обучувач за стандарди.
Како што кажа Георги Димитров, директор на тренинг центарот Академик, во Македонија веќе една година се реализираат обуки за мастер обучувачи според највисоките швајцарски стандарди. Со отворање на тренинг центарот Академик и со објавување на најновиот повик за мастер обучувачи во потполност ќе се задоволат потребите на туристичкиот сектор за квалитетни обуки во областите за кои, според направените анализи, има најголема потреба.
„Целта на целиот ангажман, поддржан од швајцарската Програма за пазарна вработливост (ИМЕ) и од Министерството за економија на Република Македонија, е да се подгинат стандардите на услугите во туристичкиот сектор во Република Македонија, користејќи ги најдобрите светски искуства во обука на лица кои работат во хотелиерството и другите угостителски гранки“, рече Димитров на денешната конференција за печат.
Според него, во првиот циклус беа сертифицирани 16 мастер обучувачи во областите продажба, комуникации и управување со приходи. Од денес во тек е пријавувањето за нови мастер обучувачи во областа рецепција, одржување на просториите и хигиена за што обуките ќе започнат на 04 декември 2017, како и областа послужување каде се опфатени келнерите и бармените која ќе започне на 11 декември годинава. Притоа, предавачи од СХЛ високата школа од Луцерн ќе сертифицираат мастер обучувачи од Македонија кои по успешно завршување на обуката ќе се стекнат со меѓународно признат сертификат за понатамошно вршење на обука на вработени од индустријата на угостителство. Се очекува годишно низ овие обуки да поминат околу 1.000 вработени во туристичкиот сектор и да се здобијат со знаења во согласност со највисоките швајцарски стандарди.
Амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. г-ѓа Сибил Сутер Техада, рече дека знаењата кои швајцарските експерти во туризмот ги пренесуваат на своите колеги во Македонија се најдрагоцената помош која оваа земја може да понуди за развој на туристичкиот сектор.
„Швајцарската академија за хотелски менаџмент од Луцерн е една од најпрестижните школи за туристички менаџмент во Швајцарија. Со тоа што експертите од СХЛ обучија мастер обучувачи од Македонија кои ќе спроведуваат обуки на вработените во туристичкиот сектор, сметам дека овозможивме достапност на најдобрите практики и знаења од врвни професионалци до целиот туристички сектор во Македонија. Со отворање на овој тренинг центар Академик и неговото сертифицирање од страна на СХЛ, воспоставивме систем кој во иднина ќе продолжи во Македонија да ги пресликува највисоките стандарди од Швајцарија“, изјави амбасадорката Техада.
За државниот секретар во Министерството за економија, Зоран Павловски, ова претставува огромен чекор кон создавање квалификувана работна сила која ќе доведе до подобрување на квалитетот на услугите во туристичкиот сектор.
„Убеден сум дека туристичкиот сектор во Македонија ќе го препознае квалитетот на овие обуки и ќе ја искористи можноста да го подобри капацитетот на своите вработени што несомнено ќе доведе и до поголем број задоволни туристи и зголемена профитабилност на компаниите. Министерството за економија и понатаму ќе продолжи да го поддржува процесот на воведување најсовремени стандарди во туристичкиот сектор во Македонија преку користење на искуства на врвните меѓународни институции во таа област“, кажа Павловски.
Туризмот, дообјасни Павловски, е еден од најбрзо растечките економски сектори во светот. „Во светски рамки, околу 1,2 милијарда туристи годишно прават туризмот да претставува 7% од светскиот извоз на стоки и услуги. Во Македонија туризмот е во стабилен раст и во 2016 имавме 850,000 домашни и странски туристи односно зголемување од 5% во однос на претходните години“, рече државниот секретар.