Aгенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги потсетува радиодифузерите дека почнувајќи од 15 април 2016 година, тече рокот од пет дена во кој треба да се усвојат и достават ценовници за платено политичко рекламирање.
Сите телевизии и радија кои ќе емитуваат платено политичко рекламирање за време на изборната кампања, најдоцна до вторник, 19 април, треба да ги утврдат цените и тоа така што цената по секунда за платено политичко рекламирање нема да ја надминува просечната цена на рекламирање пресметана во последните 3 месеци пред денот на распишување на изборите.
Ценовниците треба да се достават до Агенцијата, до Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и до Државната комисија за спречување на корупцијата. Според Изборниот законик, радиодифузерите се должни до започнување на изборната кампања најмалку двапати да ги објават на своите програми ценовниците за платено политичко рекламирање. За време на изборниот процес не е дозволена промена на ценовниците.