Речиси две недели по завршувањето на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Скопје, по лавината реакции за неговата организација, од искрени пофалби до остри критики, јавно се огласи Игор Јакимовски, тренер на најдобриот македонски маратонец и олимпиец, Дарио Ивановски. Како што нагласи преку социјалните мрежи, ова е негов последен обид да ги потсети сите што со „добри“ намери ја бранат татковината, правејќи директна споредба меѓу Летните олимписки игри во Париз 2024 и нашиот ЕМОФ во Скопје, за, како што вели, да стане појасно зошто „Париз е Париз, а Скопје си е Скопје“.
Искуствата на Јакимовски, кој беше дел и од двата големи спортски настани, јасно покажуваат дека условите и предизвиците во Париз биле далеку од идеални, а при тоа во Скопје за ЕМОФ биле вложени значајни напори за создавање пријатна и функционална средина за младите спортисти и нивните тимови.
Тренерот посочува дека условите во Париз биле исклучително тешки, со неподнослива топлина и влажност на воздухот, буквално не се дишело. Организаторите, наместо да им обезбедат потребна поддршка, им препорачале самите да купат клими, а спротивно на тоа, на ЕМОФ веднаш се монтираа вентилатори и мобилни клими во секоја соба каде што имало техничка можност. Тоа, според Јакимовски, беше „типично балкански пристап“ во позитивна смисла, нагласувајќи ги вложените напори и посветеноста на организаторите на ЕМОФ.
Во Париз, учесниците добиле по едно брендирано шише и чекале по пола час за да наполнат вода од чешма, додека во Скопје „на сите им дававме неограничени количини флаширана вода, со која учесниците дури и се прскаа“.
За сместувањето, тренерот вели дека во олимпиското село во Париз во еден апартман сите биле сместени на купче, лево машки, десно женски и тренери и доктори и шефови на мисии.
„Во Скопје пак, сите по еден или двајца во соба, проблем што било на ’кинг сајз‘ француски кревет поделен на два дела со преграда, треба да престојуваат две возрасни женски лица, едната помошен тренер, а втората физиотерапевт. Патем, креветите во Скопје не беа од пресуван картон какви што беа во Париз“, истакнува Јакимовски, кој посочува дека во Париз имало и организациски проблеми, како долгото чекање на отворањето на Олимпијадата под дожд „четири часа не држеа да чекаме“, додека во ложата, како што истакнува, „се пијуцкало шампањ“.
„Првиот ден ЛОИ Париз на натпреварот во триатлон пола од натпреварувачите кои мораа да пливаат во гадната Сена, фатија тешка дијареја и разни кожни инфекции, па затоа следниот ден градоначалничката на Париз мораше и самата да влезе само за да го ублажи скандалот“, сведочи Јакимовски, кој вели и дека и покрај огромните финансиски средства вложени во Олимпијадата, имало проблем со медалите, односно на дел од нив им паднала целата позлата. „Ние овде во Скопје, за време на фестивалот немавме вакви проблеми, па затоа главна тема беше падната една педа гипскартон од 200 грама и скршен капак на ВЦ шолја“, вели тренерот.
Според Јакимовски, главната причина зошто Париз е Париз, а Скопје е Скопје, е менталитетот и поддршката на домашната публика на настанот и своите олимпијци.
„Кај нас имаше бесплатен влез на сите борилишта, а имаше повеќе навивачи од странство него домашни. Барем еднаш да дојдеа во сала овие ФБ критичарите и дежурни политички душегрижници, па да заличеше на нешто. Во Франција сите си ја фалеа својата земја, додека пак овде се натпреваруваат кој повеќе ќе ја исплука. Во тој спорт сите сме апсолутни шампиони. И многу се загриживме како ќе им се видело на странциве што се овде една недела, дно дна. И, затоа Париз е Париз, а Скопје е Скопје, мое Македонче“, со жалење и револтирано заклучува тренерот на нашиот атлетичар.