Војната во Украина, зголемувањето на цените на енергијата и нарушените глобални синџири на снабдување – фокус на дискусиите на овогодинешниот собир
На 9 Март, во „Гранд Хотел Копаоник“ на Копаоник, официјално беше затворен 29. Копаоник бизнис форум со традиционално обраќање на Александар Влаховиќ, претседател на Здружението на економисти.
Најголемиот бизнис настан во регионот 29. Копаоник бизнис форум, годинава се одржа од 6 до 9 март 2022 година во „Гранд Хотел Копаоник“, на Копаоник. Огромното значење што Копаоник бизнис форум со години наназад го има за регионот се докажа и во овогодинешната програма во која една третина од панелите беа посветени токму на регионот Западен Балкан и неговите потенцијали за понатамошен раст и развој. Во текот на четирите дена се одржаа 33 панели на кои говореа 200 панелисти, беа реализирани 8 пленарни говори, а околу 100 акредитирани новинари ја следеа работата.
Централната тема на регионалниот собир организиран од Здружението на економисти на Србија во партнерство со Mastercard беше – „Србија 2030: Агенда за одржлив развој“. Темите како што се војната во Украина, зголемувањето на цените на енергијата и нарушените глобални синџири на снабдување биле дискутирани на овогодинешниот собир, но сето тоа во фокус на Агендата за одржлив развој.
„Суштината на одржливиот развој е да се создаде економска структура која ќе биде отпорна на надворешните шокови каков што е овој кој во моментов го живееме. Форумот ја покажа неопходноста од ваков годишен собир на економската, политичката и академската елита“, рече Влаховиќ и додаде дека само со размена на искуства можеме да дојдеме до квалитетни решенија.
На панелот со наслов „Регионалната соработка како предуслов за одржлив раст“ учествуваше и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија и ко-претседател на Коморскиот инвестициски форум, заедно со престедателите на Коморите од регионот на Западен Балкан. Тој ги истакна предизвиците во регионалната соработка, инфраструктурата, снабдувањето и царината со кои се соочуваат компаниите на Балканот и кои сѐ уште се отворени прашања на Западен Балкан.
„Ако на овие отворени прашања, за кои сѐ уште постои потреба од дебати, разговори, усогласување ставови и политики меѓу државите, им се додадат и економските случувања во светот (пандемијата која резултираше со економска, финансиска и енергетската криза), како и последните случувања во Украина за чиј исход засега никој не го знае одговорот), влегуваме во неизвесност која е катастрофална за бизнисот. Компаниите во овој момент се наоѓаат во многу тешка позиција, бидејќи ваквите неизвесности се смрт за инвестициските активности и за нивниот развој,“ рече Азески.
Важноста на регионалниот економски развој беше тема и на повеќе други панел дискусии на кои се говореше за прогнозите за економските трендови за Западен Балкан во услови на сè уште актуелна светска криза предизвикана од корона вирусот, но и ефектите од енергетската и финансиската криза кои следуваа, како и најновите случувања во Украина.
Претседателот на здружението на економисти – Александар Влаховиќ истакна дека на Форумот во „Гранд Хотел Копаоник“ имало 1250 учесници: „Само во првите три дена од Форумот, собирот онлајн го следеле околу 6000 учесници. Исклучително сме задоволни од посетеноста како и од извонредните дискусии што се водеа на 33 панели“, рече Влаховиќ и најави дека на истото место, од 5 до 8 март 2023 година, ќе се одржи следниот, јубилеен, 30-ти Копаоник бизнис форум.