Охридската локална самоуправа издава под закуп вкупно 17 микролокации за поставување на самостоечки светлечки рекламни паноа-билборди. За таа цел деновиве беше објавен Јавен оглас (ЛИНК) за издавање на два пакета на микролокации за кои е предвидено поединечно јавно наддавање.
Пакетот 1 содржи 8 рекламни паноа кои ќе бидат распоредени на улиците „Партизанска“, „Македонски Просветители“, на булеварот „Туристичка“ и на Кеј „Македонија“, а Пакетот 2 содржи 9 рекламни паноа кои исто така ќе бидат поставени на булеварот „Туристичка“ и Кеј „Македонија“ и на улиците „Партизанска“ и „Димитар Влахов“.
Локациите ќе се издаваат под закуп за времетраење од 4 години, а почетната цена за јавното наддавање за првиот пакет изнесува околу 3.100 евра или точно 192.000 денари, а за вториот пакет почетната цена е околу 3.500 евра или 216.000 денари.
-Билбордите треба да имаат двострана рекламна површина со правоаголна форма, со димензии од 450 см до 470 см должина и од 250 см до 270 см висина. Критериум за избор на најповолна понуда е највисоко понудена цена на јавното наддавањеза закуп по пакет, пишува во условите на огласот.
Јавното отворање на понудите ќе се изврши на 11-ти мај 2015 година со почеток во 13 часот, а јавното наддавање ќе се одржи во рок 15 дена од јавното отворање на понудите.
-За учество на огласот заинтересираните странки треба да уплатат депозит во висина од 120.000 денари, а најповолниот понудувач по склучување на договорот во рок од 10 дена ќе треба да достави по 3 проекти од рекламните паноа кои се услов за добивање на одобрение за поставување на урбаната опрема. Приклучокот за користење на електрична енергија најповолниот понудувач самостојно го регулира со ЕВН Македонија и не смее да изврши приклучок на јавното улично осветлување, се појаснува во огласот.
Плаќањето на годишен закуп по пакет ќе се врши врз основа на доставена фактура од страна на општина Охрид. Плаќањето на закупнината за 2015 година ќе треба да се изврши веднаш по потпишување на договорот, додека за наредните години ќе се плаќа однапред за целата година, но не подоцна од 15 мај за деловната година.
Извор: OhridNews