Кирилицата што се носи, кај и да е ќе прооди. Се наближува 13-ти септември, што значи дека помина една година од појавувањето на брендот #Омајгад, чија примарна дејност е создавање на „Кирилицата што се носи“, односно маичките со кул натписи. После три колекции и безброј убави луѓе кои ги носат Омајгад маиците, оваа сабота на 13-ти септември во Кафе Бар Љубов, ќе биде прославен роденденот на Омајгад со тринаесетчасовна дружба.
“Се мислевме што да правиме за роденденот, па на крај испадна да дадеме љубов во Љубов :)” – изјавува креаторот на Омајгад, Гоце Велески. “Сакаме да биде целодневна дружба на убави луѓе, сплет на млади и стари и така во знак на среќниот број 13, да истераме тринаесет часа дружба со сите пријатели, познаници и тие што ќе станат нови пријатели на Омајгад.”
Освен дружбата во Кафе Бар Љубов, по промотивна цена ќе се продаваат и маичките што останале од претходните колекции, а воедно за прв пат ќе има и постери во лимитирана едиција. “Не сакавме да направиме нови маички, за да оставиме нешто за наредна година, али затоа направивме постери од неколку дизајни кои луѓето ги бараа”. Роденденски музика ќе пуштаат диџеите Game Over и Васо, а добрите дечки од Љубов направија Омајгад коктел.