Како што пренесува охридската телевизија ТВМ, општината Охрид и по еден месец од објавениот повик не успеала да го пронајде сопственикот на , според нив, нелегално поставените билборди во комплексот Парк. Општинскиот Инспекторат го објавил повикот во Службен весник за да се јави сопственикот на билбордите, но сето тоа завршило без успех.
Бидејќи сопственикот не се јавил сам во законскиот рок, следува Локалнaта власт да ги отстрани билбордите. За да се отстранат големите билборди, потребно е ангажирање на дигалки од поголеми размери или да се ангажира фирма која ќе ги исече билбордите на делови, информираат од одделението за односи со јавност при ЛС.
Додаваат дека со оглед на тоа дека поставувачот на билбордите е непознат и локалната не може да го наплати трошокот за остранување на истите, финансиски бенефит ќе се бара од продажбата на отстранетите билборди како старо железо или евентуално нивно повторно искористување како рекламни паноа. Од Локалната самоуправа информираат дека во текот на оваа недела ќе распишат тендер за избор на фирма која ќе ги отстрани нелегалните билборди. По изборот на фирмата и по нивното демонтирање ќе се знае што општината понатака ќе прави со нив.