Популарниот бренд за колачиња Oreo лансираше нова понуда со која на потрошувачите од американскиот пазар им овозможи опција да создаваат и нарачуваат персонализирани колачиња.
Со таа цел, компанијата лансираше специјална веб-страница, OREOiD, каде корисниците може да се одлучат за две опции – дали сакаат колачина чија единствена разлика е бојата на кремот, при што се понудени осум различни бои, или пак целосно нови и персонализирани колачиња.
Втората опција на корисниците им нуди можност да ја менуваат бојата на кремот, да ги потопуваат колачињата во чоколаден или ванила фаџ, да додаваат украсни трошки, па дури и персонализирана слика или текст на предната страна од колачето.
Нарачката на персонализираните колачиња може да се прави само во пакувања од повеќе парчиња, при што цената секако зависи од бројот на колачиња и нивото на персонализација.