Холивудската ѕвезда Орландо Блум е новиот бренд амбасадор на чешкото пиво Staropramen, кое се приготвува во Прага, а се извезува низ целиот свет.
Блум престојувал во чешкиот главен град за време на снимањето на телевизиската серија Carnival Row од крајот на 2017 година до 2021 година. На крајот од овој март, во улога на амбасадор на добрата волја при Обединетите Нации, актерот се состанал во Прага и со чешкиот претседател Петр Павел за да разговара за ситуацијата во Украина.
Како нов амбасадор на Staropramen, Блум ќе се најде во новата телевизиска реклама за брендот, која ќе биде проследена со дополнителни дигитални и онлајн рекламни активности на пазарите низ Европа и Велика Британија. Кампањата ќе биде лансирана подоцна оваа година.
Според најавите, дејството на новата реклама ќе се одвива во Прага. Притоа, Орландо Блум ќе раскажува за неговите врски со градот и за развојот на локалната пивска култура. Актерот ќе ги посети некои од најзначајните локации во Прага, вклучувајќи тераси и подземни тунели, пред да се обиде да ги открие тајните на најпознатото прашко пиво во пиварницата на Staropramen.
„Тоа е прекрасен град исполнет со неверојатни луѓе, но тие се тешка публика да се задоволи кога станува збор за пивото. Staropramen ја опслужува оваа остроумна публика повеќе од еден век, што ви кажува колку е всушност добро нивното пиво“ – истакнува Орландо Блум.
Брендот Staropramen е во сопственост на канадско-американската пиварница Molson Coors од 2013 година, а се пласира како еден од нивните премиум брендови.