Познатиот уличен уметник Бенкси го откри своето најново дело во градот Бородјанка во Украина, каде што анонимниот маестро илустрираше слика на жена – која изгледа како гимнастичарка – како се превртува на рацете, а притоа како помагало ги користи урнатините од зграда уништена во воените дејствија.
Муралот е тешко забележлив на пошироките фотографии на зградата, со оглед на тоа што сивите тонови на насликаната гимнастичарка речиси се вклопуваат во трагичната околина на урантините.
Фотографија од новиот мурал беше објавена од самиот уметник на Инстаграм, досега привлекуваќи над два милиони лајкови. Во истиот украински град претходно беа забележани повеќе мурали во стилот на Бенкси, чие авторство сé уште не е потврдено од уметникот.
Бенкси често знае да се појави на локации низ светот каде што се случува некаков конфликт или контроверзија и да го привлече вниманието на светската јавност кон хуманитарната криза и човековото страдање на таа локација.